Легендарниот италијански голман, Џанлуиџи Буфон (41) ги напушти редовите на францускиот фудбалски првак Пари Сен Жермен по само една сезона и вкупно 25 настапи.
– Мојата авантура надвор од Италија заврши. ПСЖ ми предложи да ми го продолжи договорот, меѓутоа не ја прифатив понудата. Сакам да им се заблагодарам на сите за се што имав можност да доживеам во Париз. Благодарам за емоциите кои заеднички ги поделивме – рече Буфон.
Голманот нагласи дека во Париз сјајно се чувствувал, но размислува за нов предизвик.
Засега не е познато каде поранешниот светски првак со Италија (од 2006 година) ќе ја продолжи кариерата, но сепак не планира да се пензионира.
Џиџи кариерата ја започна во Парма каде помина 6 години, по што следуваше 17-годишен престој во Јувентус. Со „млекарите“ освои 3 трофеи, а со „старата дама“ имаше учество во дури 19 трофеи, од кои 9 Скудета.