Инсталацијата „Оваа зграда зборува (на)вистина“ на Филип Јовановски, чија кураторка е Ивана Васева, ќе биде дел од Прашкото квадринале за перформанс, дизјан и простор, кое се отвора денеска. Делото ќе биде изложено во македонскиот павилјон, а негова комесарка е Фросина Зафировска од Музејот на градот Скопје. Во програмата е предвидена и перформативна изведба со Кристина Леловац, секој ден од 13 часот во нашиот павилјон, а утре е промоција на перформативниот настап на „Телемама“.
– Железничка зграда во Скопје е градена како периметарски колективен блок за живеење на вработените во Железницата на Југославија и е завршена кон крајот на 1940-тите години. Таа има сопствен двор, имала колективни пералници, кои се трансформирале во станови по скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година, но и сопствено кино како заеднички простор, каде што во еден момент 400 деца гледале филмови. Токму солидарноста, заедништвото, одговорноста ги градат скелетот, структурата или дизајнот на долготрајниот перформативен и колаборативен проект „Кога зградите би зборувале“, кој започна во 2015 година и сѐ уште трае – стои во објаснувањето на проектот.
Проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ е составен од три дела: инсталација со перформативен дел што е дел од „Изложбата на земји и региони“; кратко видео насловено „Кино култура“ и двојазична публикација.