Здружувањето на три помали партии е мал исчекор во обединувањето на раситнетата српска опозиција
Демократската партија, Социјалдемократската партија на Србија и Заедно за Србија постигнаа договор за обединување во еден политички субјект. Ова обединување на помалите опозициски партии, кои се под границата на цензусот за избор на пратеници, се случува во пресрет на најавените парламентарни избори во Србија. Дали ова ќе отвори простор за покрупно изборно здружување на разединетата српска опозиција, не е познато. Но претседателот на Политичкиот совет на Демократската партија Драгољуб Миќуновиќ, вели дека новоформираната (обединета) партија е отворена за други партии со слични програмски определби.
– Од ДП се формираа десетина партии. Се чини обединувањето е единствен рационален потег. Но прашање е како граѓаните ќе го прифатат тоа – изјави Иво Чоловиќ, директор во ЦЕСИД, во изјава за РТС.
Во јавноста сѐ почесто се слуша и за можноста за здружување на Српскиот патриотски сојуз на Александар Шапиќ, која беше формирана од него откако ја напушти ДП. Овие политички опции се слични и тоа го отвора прашањето дали во Србија се прави ново идеолошко групирање на партиите од опозицијата.
– Има некоја форма на прегрупирање, но тешко е дека може да се говори за укрупнување на национален и на граѓански блок. Сѐ уште го имаме Сојузот за Србија со Двери и со партијата на Драган Ѓилас. Се чини, групирањето нема да се направи на два силни центра, на национален и граѓански, туку ќе има повеќе различни блокови, кои би биле претставени од СЗС и Движењето на слободните граѓани и СПАС и ДСС – објаснува Чоловиќ.
Според сегашното расположение на гласачкото тело во Србија, изборниот цензус може да го преминат само СНС, СПС (партиите на Александар Вучиќ и Ивица Дачиќ) и Сојузот за Србија, а за сите други партии тоа е неизвесно. Но честото менување и формирање нови сојузи и партии ги збунува граѓаните.
– Ние во нашите истражувања наидуваме на луѓе што веруваат дека Борис Тадиќ е на чело на Демократската партија. Така, тоа што се прави на јавната политичка сцена не доаѓа толку брзо до просечниот граѓанин. Се поставува и прашањето дали ДП е оската на опозициското здружување. Долго време оваа партија луташе во политичките настапи, не знаеше каде припаѓа, дали е во Сојузот за Србија, дали само пишува прогласи до граѓаните или дејствува само во парковите – велат аналитичарите.
Главна точка околу која се разидуваат партиите во опозицијата е дали тие ќе учествуваат на избори, кои би биле организирани од сегашната власт предводена од претседателот на Србија и лидер на Српската напредна партија Александар Вучиќ. Како што е познато, во повеќето градови во Србија се одржуваат граѓански протести на кои се искажани и барања за одржување фер и демократски избори. Засега, Вучиќ одбива да разговара со претставниците на граѓанските протести за исполнување на барањата што се поставени и од опозициските партии.