Поради ниските температури растенијата не се медоносни, па пчелите не излегуваат од своите кошници и не се хранат, а доколку одгледувачите не ги прихрануваат има опасност да изумрат, објаснува претседателот на здружението на земјоделците „Агрофаланга“
Ладното време и честите врнежи од дожд во текот на овој месец негативно влијаат врз пчелните семејства, за кои е неопходно да се преземат мерки за прихранување, велат упатените во проблематиката. Доколку се задржи слично време и во следниот период, инволвираните посочуваат дека има опасност од намалено производство на мед, па дури и од изумирање на пчелните семејства.
– Поради ниските температури растенијата не се медоносни, па пчелите не излегуваат од своите кошници и не се хранат. Иако навидум има цветови, сепак, температурите се ниски, има доста влага и нема храна за пчелите. Затоа мора да се прихрануваат пчелите, а доколку одгледувачите не го направат тоа има опасност да изумрат пчелите, се случува во вакви ситуации и цели пчелни семејства да изумрат – предупредува Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделците „Агрофаланга“.
Станковски истакна дека во овој период за заштита на пчелите најбитно е прихранувањето и додава дека ако продолжи ваквото време производството на мед ќе биде намалено.
– Производството на мед во Македонија и насекаде е значително опаднато поради влијанието на климатските промени, како што сега во мај имаме необично ниски температури. Последици од овој врнежлив период сигурно ќе имаме, сѐ зависи од тоа до кога ќе трае дождливото време, но приносите на мед сигурно ќе бидат намалени како минатата година – дополнува Станковски.
Првиот човек на „Агрофаланга“ додава дека врнежите се одразуваат и на сточната храна, посебно на оние што ги пасат своите стада, па ќе има промени и во квалитетот на млекото и на млечните производи. Поради влагата се зголемува и опасноста од формирање габи кај овошките и неопходно е тие да се третираат со соодветни заштитни хемикалии.
Сепак, дождовите позитивно влијаат врз растот на пченицата и другите житни култури, кои беа загрозени поради сушната есен и недостигот од дожд на почеток од годината.
– Дождот пријатно влијае врз пченицата и другите житни култури. Ако задоцнеше уште некои 10-15 дена, ќе имаше големи штети врз пченицата, но сега за неа состојбите се супер исто како и за сите слични култури. Пченицата е искластена или пред кластење, и од она што го гледам на терен слободно можам да кажам дека пченицата е супер. Мислам дека приносите ќе бидат 3 тони по хектар, што е сосема солидно со оглед на сушната есен. Бидејќи беа засадени 72 илјади хектари, може да очекуваме околу 220 до 230 илјади тони пченица од цела држава – посочува професорот Дане Бошев од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Променливото време со повремени врнежи од дожд и пониски дневни температури на воздухот ги одржува земјоделските култури во една активна состојба, со доволно влага во почвата, но и со услови за појава на плевели, болести и штетници поради големата релативна влажност во воздухот, посочуваат од Управата за хидрометеоролошки работи.
– Новите врнежи од дожд може да предизвикуваат проблеми со пролетната сеидба, расадувањето на тутунот и другите работи на отворено поради големата влажност особено во површинскиот слој. Ваквите временски услови не се поволни за пчеларството, каде што потребите од чести излетувања и носењето храна се многу големи, а ветровитото и врнежливо време тоа не им го дозволува. Се препорачува да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции и да се чистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води – се вели на нивната веб-страница.