Денот на трудот, 1 Mај, е симбол на борбата за правата на работниците. Со протестни маршеви синдикалните здруженија го одбележаа вчерашниот ден на различни локации.

– Како политичари и работници, наша должност е тие права да ги штитиме и унапредуваме. Македонија веќе не смее и нема да биде земја со евтина работна сила и со незаштитени работници. Ја зголемивме најниската гарантирана плата за над 90 илјади работници. Им го решивме проблемот на голем број стечајни работници. Правиме сѐ жените да бидат платени, исто како и мажите. Наша должност е да создаваме услови да може од трудот да се живее чесно и достоинствено – порачува министерката за труд и социјална работа, Мила Царовска.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Дарко Димовски, вчера ги достави барањата на синдикалците до Владата на Република Македонија.
– Ова е нов почеток на враќање на довербата во синдикалното движење. Ќе се справиме со сите што ќе ги издадат работничкото движење и синдикатот – истакна Димовски.

Тој порача дека единството сега е повеќе од потребно зашто работничката класа е разбиена.

Иван Бишевски од Синдикатот за градежништво при ССМ нагласи дека претставниците во Собранието и во Владата треба да внимаваат на работничката класа, бидејќи преку работниците се остваруваат сите благодати во оваа земја.

– Ние сме тука да покажеме колку сме многубројни и колку сме сложни. Во име на солидарноста да им порачаме да го вреднуваат трудот на работникот и да има достоинствена работа за сите – истакна Бишевски на протестниот марш пред македонскиот парламент.


Владата најавува нова мерка за раст на платите

Премиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција по седницата на Економско-социјалниот совет најави нова мерка за раст на платите. Според него, станува збор за директна финансиска поддршка од 30 отсто од растот на бруто-платите на работниците во трудоинтензивните дејности.

Условите за мерката, како што наведе тој, ги исполнуваат околу 15.000 компании и 50.000 работници. Тој порача дека целта на мерката е да растат платите и граѓаните да имаат повеќе пари, и апелира до фирмите да ги покачат платите и да аплицираат за владините мерки зашто државата е тука, како што истакна, да помогне.