Под мотото „Скопје цвета“ годинава, на 18 и 19 мај, во Градскиот парк, ќе се одржи шестиот по ред фестивал на цвеќето, а под покровителство на градот Скопје. Цветниот фестивал е во организација на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, а ќе започне во 11.30 часот, откако ќе тргне цветното дефиле со деца од градинките и основните училишта пред паркингот на бараките на градот Скопје.
Од одделението за односи со јавноста од градот Скопје, велат дека фестивалот има цел на едно место да ги обедини љубителите на цвеќето и на природата, урeдувањето на околината, уметниците, децата и учениците, кои на овој простор ќе ја изразат својата умешност со цвеќето, декорацијата и дизајнот.
– Во текот на двата фестивалски дена пред граѓаните ќе се промовира одгледувањето цвеќе, а најмладите ќе имаат можност да се вклучат во работилници, да ја покажат својата креативност и да научат нешто повеќе за цвеќињата и за заштитата на животната средина. Посетителите ќе уживаат во настапите на повеќе музички и танцови изведувачи, ќе имаат можност да вежбаат јога и зумба на отворено и да учествуваат во најразновидни цветни перформанси и декорации. Првпат оваа година граѓаните ќе имаат можност да добијат корисни совети за своите домашни миленици и да удомат милениче – велат од градот Скопје.
На фестивалот ќе се претстават над 30 изложувачи на цвеќиња, фирми за хортикултурно и пејзажно уредување, институции и невладини организации од областа на екологијата.