Додека во светот градовите полека се ослободуваат од возилата што испуштаат штетни гасови, ние во нивна непосредна близина на прометни сообраќајници имаме продажба на овошје, зеленчук и други прехранбени производи. И покрај тоа што целодневно, а можеби и подолго се изложени на штетните гасови, малкумина го поставуваат прашањето колку се тие здрави за консумирање, дали во тие овошја и зеленчуци под влијанието на издувните гасови се наталожиле премногу олово и прашина и дали ваквите производи се штетни за човековото здравје. Главното прашање е дали на таков начин треба да се продава храна, блиску до ауспусите на возилата.
– Вообичаено тоа што се нуди по ваквите гранапи е квалитетно, со пристапна цена, затоа некогаш купувам од нив. Но внимавам производите што ги купувам да се однатре, а не однадвор, од оние што се изложени директно на улица, каде што има штетни гасови од автомобили. Сметам дека државата треба да им забрани на гранапите вака да работат, да ги натера да заградат, за не се дозволи контаминација на овошјето и зеленчукот од издувните гасови – вели Сања Младеновска.
Консумацијата на овошје и зеленчук овозможува разни бенефиции за човечкиот организам. Тие се најдобар извор на витамини и хранливи материи, кои го чистат, му даваат енергија и го регенерираат организмот. Го снабдуваат со потребните ензими, минерали и други материи што се потребни за зголемувањето на виталноста, а го зајакнуваат и имунолошкиот систем. Токму поради ова една од препораките што ја даваат здравствените власти секоја година против загадувањето е консумирање овошје и зеленчук. Што кога постои обратна ситуација, кога овошјето и зеленчукот се изложени на загадување? Дали се здрави за консумирање?
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека од 2012 година наваму постојано спроведуваат инспекциски контроли и дека услов за гранапите да работат е да бидат одобрени од агенцијата. А доколку се одобрени, тоа значи дека се почитуваат стандардите.
– Агенцијата почнувајќи од 2012 година, секоја година ја спроведува и Програмата за мониторирање на безбедноста на храната, вклучувајќи ги и овошјето и зеленчукот, во чии рамки се земаат мостри и се вршат лабораториски испитувања и за утврдување евентуално присуство на штетни агенси и во овошјето и во зеленчукот. Услов за безбедност на овошјето и зеленчукот што се продаваат во близина на сообраќајници, односно основно е операторите со храна, во случајов продавниците, да се одобрени од АХВ, со што се потврдува исполнувањето на стандардите за добра производствена и хигиенска практика. Дополнително, гаранција за безбедноста на овој тип прехранбени производи е и соодветната манипулација со овошјето и зеленчукот од самите потрошувачи, што подразбира соодветно чување и адекватно миење, а по потреба и термичка обработка пред консумацијата. АХВ во соработка со операторите со храна континуирано работи на нивна едукација во однос на преземање мерки за отстранување на констатираните недоследности со контролите и за подобрување на условите за работа во насока на создавање услови за безбедност на храната, вклучувајќи ги и овошјето и зеленчукот, на храната што се увезува, складира и која се продава на пазарот во земјава. Недоследностите во поглед на безбедноста на храната граѓаните можат да ги пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство лично, електронски на [email protected] или на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22 – велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Сепак, за тоа дали издувните гасови влијаат на квалитетот на зеленчукот и овошјето и како ваквите производи влијаат на организмот кај луѓето, одговор не добивме.