Ви благодарам граѓани Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Бошњаци кои на кристално чисти, фер, европски и демократски избори одлучивте да продолжиме заедно напред, рече Стево Пендаровски во обраќањето до јавноста, каде што беше во придружба на неговиот син, како и на премиерот Зоран Заев.
Пендаровски истакна дека победата е на мнозинството граѓани кои се обединиле за концептот „Заедно напред“.
– Победија граѓаните и свечено сакам да објавам дека ќе им служам посветено на сите. Исходот од овие претседателски избори значи загарантиран пат напред за сите граѓани, кон европскиот и развиен свет каде што припаѓаме – нагласи тој.
Пендаровски додаде дека победата на неговата програма носи иднина и карта за Европа, односно дека е доказ оти само прогрес е можен само кога граѓаните се обединети.
– Во јуни кога ќе го добиеме датумот за преговори, знајте дека е макотрпно заслужен. Ќе се залагам за правичност и правна држава, ќе се залагам за секој чесен граѓанин. Ќе бидам фактор на стабилност, а не извор на кризи – порача Пендаровски пред присутните.
Во говорот тој им се заблагодари на премиерот Зоран Заев и за сите кои имале верба во концептот „Заедно напред“, сите 31 парија кои го поддржале, но упати и благодарност до противкандидатите Гордана Сиљановска-Давкова и Блерим Река кои, како што кажа, дале придонес за демократски и кристално чисти избори.
– Ќе бидам претседател на сите и поддршка на владата за сите важни проекти во корист на граѓаните, ама и ќе критикувам секаде каде што мислам дека може подобро и повеќе – нагласи Пендаровски.
На крајот, тој уште еднаш заблагодарувајќи им се на гласачите од сите етнички заедници тој порача дека ќе биде претседател на државата од кој нема да се стамат и тука и во странство.
Пендаровски освоил 51,85 проценти (422.282 гласа), а неговиот противкандидат Гордана Сиљановска-Давкова 44,56 отсто (362.907), по преброени 97,67 отсто од гласовите. Неважечки се 29.306 ливчиња или 3,6 отсто. На обработените избирачки места гласале 814.495 граѓани, односно имало одзив од 46,42 отсто.