За кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, својот глас го дале 423.292, а за кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска-Давкова 363.980 гласачи, од обработени 98,84 отсто од избирачките места, на кои гласале вкупно 816.649 избирачи.

Одзивот е 46,44 проценти, што значи дека е достигнат потребниот цензус.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Деркоски, ја честиташе победата на Пендаровски и порача дека во текот на ноќта се очекува да се обработат 100 отсто од податоците. Тој им честита и на граѓаните за истрајноста и упорноста, а на кандидатите за коректно однесување во текот на кампањата.

Деркоски не сакаше да соопшти резултати за изборите за градоначалник во Охрид и во Ново Село каде се одржаа и локални избори, бидејќи имало мал процент на обработени податоци.