Граѓанската асоцијација МОСТ го следи денешното гласање со повеќе од 1.500 набљудувачи. На 1.160 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, распоредени се исто толку набљудувачи, со што се покриени 33% од вкупниот број на гласачки места во земјата.
Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ има распоредено и 100 мобилни тимови, составени од по 2 набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат местата на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи. Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.
Како и на претходните изборни процеси, Граѓанската асоцијација МОСТ го спроведува проектот согласно Декларацијата за универзални принципи за непартиско набљудување на изборите од страна на граѓански организации, како и останатите меѓународно признати стандарди за домашно набљудување на изборите.
Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори, сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи се отворени на време и досега не се забележани неправилности во спроведувањето на постапката на гласање.
Во текот на денот, на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните може да пријавуваат евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес.
Потенцираме дека набљудувач на МОСТ е единствено оној граѓанин кој носи жолта маичка на која на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано “Monitoring 2019“, поседува акредитација од ДИК и овластување од МОСТ исклучиво за вториот круг од изборите.
Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите МОСТ ќе и ги соопшти на јавноста во во 11:00, во 14:00, во 17:00 и во 19:00 часот, а дополнително ќе биде објавен терминот на последната прес-конференција на која ќе бидат соопштени резултатите од ПВТ програмата за одѕивот и распределбата на гласовите.