Тинејџерот Жоао Феликс ја одбележа првата рунда мечеви во четврт-финалето на Лига Европа (ЛЕ). Тој блескаше на мечот Бенфика – Ајнтрахт, 4-2, постигна три гола, згора асистираше и при постигнувањето на четвртиот, со што на возраст од 19 години и 152 дена стана најмладиот фудбалер со хет-трик во ЛЕ. Со тоа „Супер Феликс“, како што го нарекоа португалските медиуми, го урна рекордот на Хрватот Марко Пјаца, кој во 2014-та, на возраст од 19 години и 219 дена, даде три гола на мечот Динамо Загреб – Селтик, 4-3.
На другите натпревари фаворитите Арсенал, Челси и Веленсија, според очекувањата, забележаа победи и се на чекор до пласман меѓу најдобрите четири тима во ова натпреварување.
Арсенал го совлада Наполи со 2-0 на „Емирати“ во Лондон и има солидна предност пред реваншот, иако менаџерот, Шпанецот Унаи Емери ја „спушта топката“ и вели дека шансите се израмнети, 50-50. Наполи кој упати само два удара на противничкиот гол, што е најлошиот ефект сезонава, ја продолжи серијата неуспеси на гостувањата во Англија, каде што има негативен скор, осум порази и едно реми. Челси се изнамачи на гостувањето против Славија во Прага, но сепак даде гол во финишот, забележа минимална победа од 1-0 и по осми пат сезонава не прими гол (ист ефект има и Арсенал).
Валенсија си ја заврши голема работа на гостувањето во Вилјареал, победи со 3-1 и реваншот би требало да биде само формалност.