Натурализираниот Македонец со словенечко потекло во коњички спорт со грлото Шаблу, полека но сигурно собира бодови на квалификациските турнири за настап на ЛОИ 2020 во Токио

Едно прво, едно трето и едно осмо место на турнирите во италијанските градови Арецо и Горла Миноре, кои се бодуваат за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2020 година, се последните остварувања на натурализираниот Македонец со словенечко потекло, Лука Заложник, што може само да радува.

– Резултатите што ги остварив во оваа календарска година кога и почнаа квалификациските турнири за ЛОИ 2020, ме радуваат и наедно претставуваат показател дека засега сум на вистинскиот пат во настојувањето да обезбедам олимписка норма. Ако нѐ послужи здравјето мене и моето грло Шамблу, оти само со едно грло се сметаат резултатите, верувам дека ќе бидам дел од Токио – задоволен е Заложник.

Заложник (36), кој незадоволен од статусот што го имаше претходно како спортист во Словенија, од 2016 година реши да ги брани боите на Македонија, во прескокнување пречки, има само пофални зборови за грлото Шамблу.

– Сметам дека Шамблу моментно е едно од најквалитетните грла што постои во овој спорт. Дека е тоа така зборува и податокот што веќе стигнаа и понуди тој да биде откупен за 1,5 милион евра. Но вистинската заднина на сево ова е јас да не успеам да се квалификувам на ЛОИ. Секако, моите газди не размислуваат да го продадат Шамблу – појаснува Заложник, кому сега му претстојат натпреварите во Сен Тропе (Франција), Атина (Грција), Познањ (Полска), Шаморин (Словачка) и други, не сметајќи ја Лигата.

Вкупниот број учесници во прескок на Игрите во Јапонија е 75, од кои тројца се од земјата-домаќин. Од Лигата во коњички спорт само првопласираниот обезбедува директен пласман на ЛОИ.