Ракометарите на Металург загубија од Еурофарм Работник со 25-32 (12-13), во првенствениот дерби-дуел одигран попладнево во салата „Автокоманда“ во Скопје.
Битолчани ја направија пресудната предност од пет гола во средината на вториот дел, откако првото полувреме помина во израмнета борба.
Марио Танкоски со седум гола, Мартин Серафимов со пет и Александар Шпенде со четири погодоци беа најефикасни кај домаќинот, додека кај гостите се истакнаа Филип Кузмановски со осум реализирани удари и Милан Ѓуќиќ кој беше прецизен седум пати.
Ова беше втор меч од Суперлигата за Металург, по победата над Пелистер од 28-26 дома, додека Еурофарм Работник денеска го имаше првиот настап во натпреварувањето, откако го одложи натпреварот од воведното коло со Вардар, поради настапот на двете екипи во куповите на ЕХФ.
Металург во следната рунда гостува кај Пролет, додека Еурофарм Работник го пречекува градскиот ривал Пелистер (двата натпревари се играат в недела).