На родителите, чии деца имаат реална потреба од чепчиња „дијазепам“ бидејќи поради високите температури добиваат фебрилни конвулзии или мозочни грчеви, од Агенцијата за лекови и медицински средства им одговараат дека тие не се регистрирани во земјава и дека за поединечни случаи треба да се достави посебно барање до нив
Супозиториите „дијазепам“ или кај граѓаните повеќе познати како чепчиња, веќе некое време ги нема во аптеките. Родителите, чии деца имаат реална потреба од нив бидејќи поради високите температури добиваат фебрилни конвулзии или мозочни грчеви, велат дека мора да се снаоѓаат од околните земји за да го набават лекот, без кој животот на нивните деца би бил во ризик. Од Агенцијата за лекови и медицински средства велат дека супозиториите „дијазепам“ не се регистрирани во земјава и дека за поединечни случаи треба да се достави посебно барање до нив.
Инаку, чепчињата „дијазепам“ ги користат оние деца што при нагла промена на телесната температура добиваат грчеви, кои изгледаат како епилептичен напади.
Кога се случуваат тие, детето е закочено, благо се грчи и се тресе. Сликата е застрашувачка за родителот. Грчевите обично не се страшни и поминуваат по неколку минути, но се трауматични за родителите.
– Пред една година мојот двегодишен син имаше висока температура. Му дадов сируп за намалување на температурата и го истуширав, но веднаш по туширањето почна да се грчи и да се тресе, доби изгубен поглед, а очињата му беа кренати нагоре. Се преплашив и веднаш го зедов во раце и заминав на лекар. Таму го прегледаа, рекоа дека не е ништо страшно и дека е реакција од температурата, но ми нагласија дека при повисока температура, потребно е да му дадам и чепче „дијазепам“ со кое ќе го опуштам и ќе спречам повторна појава на вакви грчеви. Оттогаш не сум си дозволила да останам без чепчиња, но еве сега кога тука ги нема, преку пријатели успевам да ги земам од Косово – вели Љубица Андоновска.
Родителите се снаоѓаат како знаат и умеат во вакви случаи. Заминуваат во околните земји за да ги набават, за да ги заштитат своите деца, бидејќи постои цела процедурата за нивната набавка во земјава.
– Доколку има потреба од тие лекови за поединечни пациенти или група пациенти, треба да се поднесе барање до Агенцијата за лекови и медицински средства за увоз на истите тие, од јавна здравствена установа од која е пропишан лекот или од самиот пациент, доколку тој достави соодветна медицинска документација што го поткрепува барањето – информираат од Агенцијата за лекови.
На регистарот за лекови, пак, може да се види дека супозитории „дијазепам“ имало во продажба и истите тие добиле решение на 20 ноември 2014 година, а датумот на важност им завршил на 22 април минатата година.
Аптекарите велат дека веќе некое време на граѓаните не можат да им ги понудат супозиториите бидејќи нив ги нема во продажба.
– Точни причини зошто ги нема не знам, знам само дека повеќе не можеме да ги набавиме – вели вработена во една од скопските аптеки.