Оние што избегнуваат плаќање даночни обврски, освен што ги оштетуваат државата и граѓаните, ги дестимулираат сите што сакаат да работат почитувајќи ги законите, реагира Сојузот на стопански комори (ССК).
ССК укажа на потребата од издигнување на свеста за борба против сивата економија и ги актуализира барањата за имплементација на Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност. Оттаму се заложија и за почнување постапка за трансформација на неформалните активности во формални, поточно доброволна регистрација во прва фаза на контроли за оние што работат нерегистрирано, а со тоа и нивен влез во системот на обврски. Од ССК посочија дека во втората фаза, доколку во првата субјектите одбијат да се регистрираат и не престанат да вршат дејност во сива зона, треба да се применат репресивни мерки со изрекување значителни глоби и кривични санкции, со што институциите би се обиделе да ги спречат нелегалните текови на парите.
– Вршителите на дејност што работат без формално регистрирање фирма, се повеќе од 50 отсто поконкурентни на пазарот од регистрираните компании зашто не придонесуваат со обврска за плаќање ДДВ и придонеси по основа на социјално и пензиско осигурување. Тековните трошоци им се многу пониски, бидејќи не плаќаат по индустриска тарифа. Со тоа, не само што го оштетуваат буџетот, туку и нудат цени за производи и услуги на пазарот што се значително пониски, цени што регистрирана компанија што ги плаќа сите давачки не може да ги постигне поради тоа што повисоките трошоци мора да ги пресмета во крајната цена на чинење – наведуваат од ССК.
Според сојузот, сузбивањето на неформалната економија, која во земјава изнесува над 30 проценти од севкупната економија, е главниот предизвик за обезбедување стабилен деловен амбиент и работа под еднакви и фер услови за сите субјекти во приватниот сектор. Според нив, со сегашните состојби на удар се особено малите и средните претпријатија, кои како двигател на македонската економија сочинуваат 99,7 проценти од сите компании и имаат учество од 70 отсто во бруто-домашниот производ.
– Особено е критично да се обезбеди механизам за справување со оние што работат во неформалната зона со милионски профити, производители, трговците на стоки и услуги, кои заработуваат големи суми, не плаќајќи ниту денар во буџетот. За регистрирани компании ова е погубно, бидејќи тешко се справуваат со притисокот поради тоа што нерегистрираните субјекти имаат поконкурентни производи и услуги, со кои им го преземаат поголемиот дел од потрошувачите – сметаат претставниците на ССК.
Оттаму додаваат и дека во услови на најави на регистрирани субјекти за прибегнување во неформалната зона, неопходно е да се релаксираат субјектите што регистрирано работат од инспекциски надзори за намалување на трендот на тивок премин во сивата зона.
– Потребна е здружена акција и искористување на соодветните механизми, за менување на перцепцијата дека неформалната е сигурна зона каде што нема контроли и казни. Во спротивно и оние што работат во согласност со законите и плаќаат даноци, тивко ќе почнат да преоѓаат во сивата зона. Механизми за надминување на оваа состојба со волја и акција на инспекциските служби е почнување со континуирано дејствување по пријави за нерегистрирани субјекти, но и јавно истакнување на оние што ќе добијат глоба за тоа – истакнаа од сојузот.
Анализите на Светска банка покажуваат дека учеството на компаниите што се соочуваат со нерегистрираните или неформални вршители на дејност во Македонија е 55, 5 отсто или најмногу во регионот пред Црна Гора со 52,4 процента, Хрватска со 48,2, Албанија со 40,2, Србија со 37,5 и Словенија со 26,5 отсто.
Е.Р.