Вработените во ЗК „Пелагонија“ денеска повторно стапија во штрајк. Како и во претходните два наврати, така и овој пат тие штрајкуваат пред Управната зграда, заради три неисплатени плати.

Тие тврдат дека иако редовно ги исполнуваат своите работни задачи, а Комбинатотот доходовно работи, сепак немаат добиено плати за месеците, ноември( дел), декември, јануари и февруари.

-Ние ништо не бараме, туку да ни се плати само тоа што сме го заработиле. Иако Комбинатот добро работи сепак менаџментот ни доцни со платите. Бараме да ни се исплатат заостанатите плати и да ни се каже отворено што ќе стане со овој наш комбинат во кој работаат околу 600 работници – истакнуваат вработените во ЗК „Пелагонија”.

Инаку ЗК Пелагонија падна во тешка ситуација по апсењето на сопственикот на Комбинатот, Цветан Панделевски, а свои акции во ЗК Пелагонија има и Орце Камчев, исто така осомничен во случајот „Император”.

М.М.