Стопирањето на работата е знак дека власта сака стратегија што ќе овозможи државата да не се меша во работата на медиумите, наведуваат од новинарските здруженија
По одлуката за прекинување на работата за изработка на нова медиумската стратегија, која ја донесе премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, новинарските здруженија се подготвени активно да соработуваат, но под одредени услови. Постојната комисија беше распуштена затоа што немаше легитимитет и во неа не учествуваа репрезентативни медиумски куќи, објави РТС.
– Не мора да се почне од нула. Мислам дека треба да се тргне од точката кога медиумските здруженија почнаа да ја напуштаат работната група – изјави Брнабиќ.
Неколку новинарски здруженија како УНС, Асоцијација на медиуми, Коалицијата на новинарски и медиумски здруженија, се повлекоа од работата на комисијата поради именувањето на државниот секретар за информирање Александар Гајовиќ за нејзин член. Од НУНС ѝ даваат поддршка на оваа иницијатива, но нивното учество во неа зависи од содржината на поканата. Стопирањето на работата е знак дека власта сака стратегија што ќе овозможи државата да не се меша во работата на медиумите, наведуваат од ова здружение.
За УНС е поважно работната група да биде создадена од репрезентативни здруженија и ја поздравуваат иницијативата во неа да бидат вклучени и меѓународни организации.
На прекинувањето на работата на стратегијата му претходеше објавувањето на извештајот на Европската комисија, која во областа на медиумските слободи во Србија не констатирала напредок. Загриженоста се однесуваше пред сѐ на заканите и насилствата над новинарите, а се инсистира и на транспарентно финансирање на медиумите во Србија.
Владимир Радомировиќ, претседател на УНС (Здружение на новинари на Србија), во изјава за Радио Слободна Европа, рече дека тие би учествувале во работната група за стратегијата под услов во неа на никој начин не е државниот секретар во Министерството за култура и информирање Александар Гајовиќ. Според УНС, тој нема никаква поддршка од новинарската заедница во Србија, а по сѐ изгледа ја губи и од државниот врв.
– Тој требаше да поднесе оставка многу порано или да биде сменет. Но еве сега премиерката и претседателот на државата ја презедоа работата околу пишувањето на медиумската стратегија од Министерството за култура – вели Радомировиќ.
Формирањето нова работна група е само тактичко отстапување на врвот на српската власт пред притисоците однадвор. Тоа не е некој сериозен сигнал дека ќе дојде до намалување на притисокот од власта врз медиумите – оценува Јованка Матиќ, научна соработничка од Институтот за општествени науки.
– На Вучиќ му е тешко да се носи со тие притисоци дека никаков напредок не е постигнат на слободата на медиумите и затоа прават некои компромисни постапки. Ова е моментално попуштање, но не верувам во никаква искрена намера нешто да се промени и досега се покажа дека за него слободата на медиумите е природен непријател. Слободата на медиумите е непријател на популистичкиот режим што го создава Вучиќ – вели Матиќ. Професорот на Факултетот за политички науки и медиумски стручњак, Раде Вељановски, исто така, смета дека изработката на нова стратегија со учество и на претставници на ОБСЕ е резултат на странските притисоци.
– Уверен сум дека нашата власт не е доволно зрела да воочи колку нашиот медиумски систем во овој момент е во проблем, колку слободниот проток на информации и слободата на изразување е загрозена. Ова е начин на одложување на донесувањето на медиумската стратегија. Останува да се види колку новата работна група ќе изработи на крајот – вели Вељановски.