Авиосообраќајот на САД се наоѓа во хаос откако претседателот Доналд Трамп потпиша указ за итно приземјување на сите авиони „боинг 737 макс 8“, по уривањето на етиопскиот авион. Трамп ѝ нареди на Федералната администрација за авијација (ФАА) итно да ги приземји сите авиони од оваа серија што сѐ уште се во употреба во САД. Ова е вторпат за шест месеци американските власти да донесат таква одлука за одреден тип авиони на „Боинг“. Од забраната се погодени патниците на три американски авиокомпании. Поради одлуката сега се бара замена за 72 авиони „боинг 737 макс 8“ и пререзервација на летови.
Трамп порача дека одлуката е донесена врз основа на најнови сознанија за безбедност на овие патнички авиони и по разговорот со генералниот директор на компанијата „Боинг“, Денис Муленбург, министерот за транспорт Елен Чао и вршителот на должност раководител на ФАА, Даниел Елвел.
– Тие се согласни со овој чекор. Секој авион што моментално е во лет треба да долета до предвидената дестинација и да биде приземјен до следните инструкции – истакна американскиот претседател.
Одлуката е спротивна на досегашните позитивни ставови во САД за најновиот модел на авионот на „Боинг“ што по катастрофата во Адис Абеба, Етиопија, во која загинаа сите 157 патници и членови на екипажот, беше приземјен речиси насекаде низ светот.