Кичевската општа болница обезбеди нова најсовремена опрема за офталмолошкиот оддел, со која се гарантира прецизна дијагностика за пациентите. Оваа здравствена установа повеќе нема да зависи од специјалисти кои во одредени денови од неделата, подолг период, доаѓаа од здравствените установи од соседните градови.
– Презадоволен сум што ќе можам со најсовремена опрема да ги дијагностицирам моите пациенти. А тоа ми го овозможува апаратурата која за овој оддел во претходниот период ја набави нашата општа болница. Набавен е нов периметар за одредување на видното поле на пациентите по цена од 5.000 евра, како и нов адаптометар. Се работи за мултифункционален апарат кој најмногу се користи при издавање на лекарски уверенија како и скрининг прегледи кај деца, а истиот чини 12. 000 евра. Во новата апаратура влегува и кераторефрактометар, со кој најпрецизно се одредува диоптрија за очила и контактни леќи како и можност за следење на катаракта, созревањето на пердето, и кој чини околу 4.500 евра – рече Дарко Дабески, офталмолог, кој неодамна ја заврши својата специјализација, кадар, кој подолг период и недостасуваше на кичевската болница.
Директорката Биљана Настеска најави, дека со комплетирањето на специјалистичкиот кадар и современата опрема, кичевската општа болница е подготвена за издавање на лекарски уверенија по пауза од 7-8 години и граѓаните наскоро ќе нема потреба за овој документ да шетаат по болниците од соседните градови. Според нејзините планови, следува доопремување и на останатите одделенија во болницата и она најважното, продолжување на доизградбата на новата болничка зграда и нејзино целосно завршување кон средината на 2021 година, за која прв пат беа ставени темели пред точно 30 години.