Децениската желба на кавадарчани за отворање на граничниот премин Пуљевац отпочнува да се реализира. Деновиве градоначалникот на Кавадарци беше домаќин на средбата на македонски и грчки пратеници во Кавадарци со цел отворање на граничниот премин Пуљевац и поврзување на Кавадарци со Аридеја во Грција.

– На наша заедничка иницијатива разработивме физибилити студија и врз основа на
добрососедските односи сега сме во завршна фаза за да отпочнеме со техничката
документација и одобрување на граничниот премин Пуљевац. Оваа приказна која е стара речиси 30 години е од големо значење за двете страни. Очекуваме локален и економски разбој и голем бенефит – изјави градоначалникот на Кавадаци Митко Јанчев.

Од средбата во Кавадарци задоволство искажа и грчкиот парламентарец Сифакис
Јанис кој особено го потенцира позитивното расположение за овој граничен премин помеѓу Аридеја и Кавадарци. Тој изрази уверување дека во наредните два месеци се очекува да се потпише договор за отворање на премин како и разговори за финансирање и имплементирање на на проектот што подразбира изградба на пат во должина од 27 километри од грчка страна од кои 4 се со асфалт и 57 километри во Кавадарци од кои 43 се асфалтирани.

Агенцијата за патишта во 2019 година има предвидено буџет од 50 милиони денари за реконструкција на постоечкиот пат Р 108 од месноста Мушов Гроб до Мајдан додека самиот премин е планирано да се финансира преку европски фондови.

Изградбата на граничниот премин Пуљевац сметаат жителите во Тиквешијата ќе донесе зголемување на соработката на стопански план и заживување на селата од подкожувјето. Воедно овој премин ќе претставува алтернатива на граничните премини Богородица и Меџитлија особено во летниот период како и поповолен пристап на населението од средниот и северозападниот дел од Македонија на кои Солун ќе им биде само на 80 километри од граничниот премин.

Ми.М.