Ако натпартиските кандидати се новата реалност и новата политичка мантра и филозофија и тие се спасот и излезот за државата, тогаш ајде да ја разработиме оваа опција докрај. Затоа, еве еден конструктивен предлог како фрлена ракавица и за власта и за опозицијата. На лидерската средба в недела, на Прочка, една од точките меѓу Заев и Мицковски да биде и постигнување договор за целосна департизација на државата
В недела е Прочка. Празник на проштевање и прочистување на гревовите. Зашто нема човек што е безгрешен. Разликата е единствено во тоа што едни грешат помалку, други повеќе, некои го прават тоа несвесно и наивно, други намерно и со цел, едни признаваат, други одрекуваат итн. И додека христијанското учење и светите книги јасно и прецизно дефинираат што е погрешно и не треба да се прави, во политичката догма и практика нема одредница што е погрешно и најчесто нивните мислења и теории се третираат како апсолутна вистина, без критичко проверување.
За политичарите уште важи и непишано правило дека сѐ е дозволено, тие се заштитени со имунитет, па дури и по истекот на мандатот имаат право на паричен надомест наречен апанажа. Секако, тука се и куп други бонуси, привилегии, патни трошоци… Ваквиот третман и статус во општеството ги издигнува во една повисока форма и затоа политичарите за своите постапки воопшто и не мислат дека грешат, ниту, пак, некогаш биле исправени пред дилемата да побараат прошка. Прашањето за грешките и простувањето воопшто не е на дневен ред ниту на најавената средба в недела меѓу лидерите на власта и опозицијата Зоран Заев и Христијан Мицковски.
Ќе се разговара за претседателските избори, за СЈО, за реформските приоритети или, како што политичарите милуваат да кажат, за државнички работи, и во една таква сериозна атмосфера е сосема неприкладно споменување божемни грешки, сторени гревови, извинувања и проштевања. Тајмингот што средбата ќе се случи токму на празникот Прочка треба да се третира само како случајност. Како, всушност, мноштвото случајности на домашната политичка сцена сиве изминати години.
Инаку, и двајцата пред јавноста се декларираат како посветени верници. Според традицијата и верските обичаи, помладиот треба да побара прошка од повозрасниот, што би се рекло Мицковски од Заев. И сега, па макар и хипотетички, може ли да замислите една таква ситуација – пред почеток на изборна кампања шефот на опозицијата да бара прошка од премиерот на држава? Иако може и обратно. Или кој било друг функционер да излезе пред граѓаните и да каже: „Простете, грешев. Ги изневерив вашите очекувања, ги погазив и своите ветувања и дадениот збор. Ме гласавте да ве водам, но јас ве предадов“. Може ли да замислите ваква политички исповед? Се разбира дека не. Такво нешто е речиси невозможно, зашто не постои политичар што се извинил, ги признал гревовите и побарал прошка.
А далеку од тоа дека се безгрешни, дека меѓусебно не си замериле, не се навредиле или не им згрешиле на народот и на гласачите. Доволно е само една ТВ-дебата да одгледате, каде што соговорници се политичари од два спротивставени политички табора, па можете потоа цел речник да составите со меѓусебно изречени навреди, клевети, обвинувања, омаловажување.
Понатaму нема ден да помине, власта и опозицијата меѓусебно да не се обвинат за сѐ и сешто. Теми и инспирација за напади и навреди има постојано. Религијата, пак, нѐ учи дека дури и само една грешна мисла е грев, а не пак изречен збор.
Значи грешни се до гуша, мислам на политичарите. И меѓу себе и пред бога и, се разбира, најмногу пред граѓаните. Како илустрација, еве само краток преглед на сторени гревови.
На пример, грешни се за бесперспективноста кај младите луѓе, за одливот на мозоци, за загадениот воздух, за кршење на Уставот и законите, за фаворизирање на личните наспроти општите интереси, за газење врз националните прашања, поигрување со државните интереси, за урнисаните економија, здравство, образование, за поттикнување на корупцијата и непотизмот, за целосна партизација на државата, за девалвација на институциите, за насилство во Собранието и надвор од него, за ширење демагогија, за континуирана и лажна пропаганда итн. Не случајно го одбрав зборот грешни, бидејќи изразот вина е во делокруг на судството, додека гревот и проштевањето имаат повеќе морална и религиска конотација и се симболика на Прочка.
Од друга страна, внимавајте, сѐ од горенаведеното се нивни зборови, нивни фрази, нивен вокабулар. Кај македонските политичари секогаш е одговорен оној другиот, никогаш тие самите. Притоа воопшто не игра улога кој е власт, кој опозиција. Единствено што е важно е да има постојано материјал за нови и нови обвинување, клевети, а одговорноста успешно да се префрли во туѓиот двор. Така најлесно ги решаваат сите проблеми! Претходно имавме протести и контрапротести, сега скандали и контраскандали. Ако некој објави вест за непотизам и партиски вработувања, се бара контратежа со информација за исто нешто, само во спротивниот табор. Проблемите, наместо да се решаваат, се балансираат. Веднаш се прави политички менаџмент или процена на штетата (читај гревот) и се бара адекватен одговор на тоа. Со посочување ист или сличен грев од спротивната страна.
Најнов пример се и случувањата околу СЈО. Политичарите се пред конечен договор за неговата иднина, единствена фалинка е што можеби некој ќе се спасел од одговорност. А кој впрочем одговараше досега. Сите се спасени, само народот не е. Тој е оставен да чека и да се надева, дека правдата можеби еден ден ќе стигне, дека бројченикот на плоштад ќе проработи, дека политичката магла ќе се расчисти, дека лагите и пропагандата ќе запрат…
Затоа и нема потреба политичарите да бараат прошка од никого. Тие за ништо не се одговорни, никогаш и никому не му згрешиле. „Грешен“ е само народот, што им верува.
Има една изрека што вели „ако еднаш ме излажеш – срам да ти е, но ако истото ти успее по втор, трет или којзнае кој пат – срам да ми е“. Ете, на нашите политичари изгледа постојано им успева тоа – да нѐ пренесуваат жедни преку вода, со истите фрази, ветувања.
Да беше поинаку, зарем ќе ни се повторуваа постојано едни исти сценарија, ловење гласови на истата јадица, прислушување, жолти комбиња, празни пароли, правда, мир? Со еден збор, зарем ќе бевме толку долго на дното заради сите параметри што ЕУ ги бара, а ние не сме ги исполниле.
И, веројатно свесни за сево ова и за грешниците меѓу нив, партиите решија да ја сменат песната, па за овие претседателски избори и власта и опозицијата се одлучија да настапат со непартиски, натпартиски или таканаречени консензуални кандидати. Еднаш веќе напишав дека ваквиот потег личи и како срам од своето членство, срам од кадарот со кој располагате, па дури и немање воопшто способни и конкурентни кандидати и затоа се бара спас демек во „неутрални“ и, „неопределени кандидати“. И пази чудо, кога треба да се вработува, да се пополнуваат директорски места, па и за возачи и чувари, тогаш пресудна е партиската книшка, а ваму за претседател на држава не била пресудна.
Но, добро, ако натпартиските кандидати се новата реалност и нова политичка мантра и филозофија и тие се спасот и излезот за државата, тогаш ајде да ја разработиме оваа опција докрај.
Затоа, еве еден конструктивен предлог како фрлена ракавица и за власта и за опозицијата. На лидерската средба в недела, на Прочка, една од точките меѓу Заев и Мицковски да биде и постигнување договор за целосна департизација на државата.
Што значи тоа? Не само претседателот на државата туку и другите раководни функции, премиер, министри, директори, да бидат натпартиски личности.
Именувањата на раководни позиции и функции, отсега натаму, да зависат исклучиво од квалитетот, а не од партиската определба. И оваа реформа да биде суштинска, а не само декларативна. Зашто видовме до каде досега нѐ доведе партизирањето на државата и какви кадри (со основно и средно образование) раководеле со институциите. Да се разбереме, овде не станува збор за укинување на партиите и плурализмот, туку за спречување и искоренување на нивната брутална злоупотреба.
Затоа, ценети лидери на двете најголеми партии, направете исчекор и вратете ја државата на натпартиското мнозинство, на неопределените, на оние од кои барате доверба и од каде што избирате кадри. Доверете им ги носечките функции на најквалитетните, и тоа нека не биде исклучок туку правило.
Оставете ги партиските книшки настрана и сторете го тоа токму на Прочка. Пред сѐ за државата, а потоа и за прошка.