Македонскиот планинар и планински тркач Александар Кирковски во текот на вчерашниот ден реализираше брзинско искачување на највисокиот врв во Јужна Америка – Аконкагва 6.962 мнв на Андите.
Поаѓајќи од базниот камп Плаза де Мулас 4.300 мнв во 7 часот на Кирковски му биле потребни вкупно 9 часа 52 минути за искачување на врвот и враќање назад.
Ова брзинско искачување претставува пионерски потфат во балкански рамки, но и резултат вреден многу пошироко. Вообичаеното потребно време за искачување на Аконкагва е три до четири дена.
– Не беше воопшто лесно, во првите часови имав проблем со мрзнење на стапалата и не знаев дали ќе можам да продолжам. Го дадов својот сопствен психофизички максимум и презадоволен сум од постигнатото. Ова е резултат на долги години труд и ентузијазам, нека биде мотив за идните генерации планински спортисти. Им благодарам на сите кои дадоа поддршка и посебно на Димитар Тодоровски кој е овде со мене, изјави Кирковски.
Врвот Аконкагва нема техничка тежина, но се карактеризира со многу ниски температури и силни ветрови, а концентрацијата на кислород на врвот е само околу 40% во споредба со морското ниво. За Александар ова е второ искачување на Аконкагва во неколку дена откако на 09.02.2019 го искачија врвот заедно со Димитар Тодоровски. Претходно има поставено најдобри македонски времиња на Мон Блан, Елбрус, Матерхорн и други врвови.
Акцијата е дел од програмата на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија, поддржана од Агенцијата за млади и спорт како и повеќе спонзори и пријатели. Подвигот е посветен на пријателите планинари Калина Велевска и Александар Миновски кои трагично настрадаа на Кајмакчалан минатиот февруари.