Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со каков интензитет и во кои временски рокови придавката Северна, во согласност со новото име на државата, ќе навлегува во животот на граѓаните и, се разбира, како ќе влијае врз нив? Во тој контекст, во неколку продолженија, „Нова Македонија“ ќе ги анализира сите прашања и дилеми за тоа како ќе се спроведува спогодбата дома и во сите сектори. Во текстовите ќе бидат вклучени видни експерти, професори, правници и други соговорници од културата, спортот, образованието, науката, кои преку своите видувања и мислења ќе се обидат да ги објаснат сите нејаснотии за примената на договорот од Преспа

Македонската влада на последната седница донесе и соодветни препораки како единиците на локалната самоуправа, секторите и службите за односи со јавноста на државните и јавните институции ќе го употребуваат новото име на државата во согласност со договорот со Грција. Владината прес-служба соопштија дека Владата донела одлука со која надлежните министерства, државни органи и институциите, јавните претпријатија и акционерските друштва во сопственост на државата по стапувањето во сила на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија, ќе треба да извршат промена на таблите на граничните премини и државната граница на нашата земја, на дипломатско-конзуларните претставништва, како и на влезовите на институциите со новото име Република Северна Македонија. Една од одлуките за оваа точка, како што наведуваат, е и обврската државните органи да формираат работни групи за утврдување на натамошните мерки и активности за извршување на одредбите на договорот од Преспа, а Генералниот секретаријат на Владата на РМ доби задолжение да формира меѓуресорска група, која ќе треба да изработи сеопфатен национален акциски план за понатамошните мерки и активности за извршување на обврските на Република Македонија, кои произлегуваат од договорот со Грција. Она што се наметнува како дилема во јавноста е како медиумите, односно седмата сила, би се однесувале кон ова прашање и користењето на новото име во текстовите и анализите.

Во тој контекст, во денешната анализа ја запрашавме Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) дали спогодбата од Преспа може да има директен импакт врз работата на агенцијата? Дали досега АВМУ размислувала или добила какво било известување од Владата како државно тело, кое се залага за обезбедување транспарентен, независен и отчетен јавен радиодифузен сервис во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги да врши надзор кој од медиумите го користи новото уставно име и како ќе известуваат тие?

Првиот човек на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, за „Нова Македонија“ вели дека органот ќе продолжи и понатаму да дејствува стриктно по Законот за медиуми и ништо повеќе или помалку од тоа.

– Никаде во законот не пишува дека можеме да се мешаме во уредувачката политика на некој медиум. Оттука сакам да истакнам дека немаме никакви законски надлежности со кои ние би наложиле како медиумите би известувале за ова прашање.

Никаде во светот, барем во демократските општества, нема казнени одлуки во делот во слободата на почитување на уредувачката политика на медиумите. Апсолутно ниедно регулаторно тело во Европа нема таква регулација односно контрола врз одреден медиум и неговата уредувачка политика. Тоа се коси со сите демократски вредности и е надвор од здрав разум за тоа да се дискутира. Прашањето е повеќе морално отколку политичко, како ќе се однесуваат медиумите на оваа тема – вели Трајчевски.

Првиот човек на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски, на истава тема коментира дека нивната улога и задача е да откриваат грешки во функционирањето на државата и општеството, а не да наложуваат и да се мешаат во уредувачките политики на медиумите.

– Медиумите играат посебно важна улога во државата. Нивната задача да откриваат можни грешки во функционирањето на државниот апарат или општеството, кои се од јавен интерес. Оттука, искрено кажано ваквиот проблем засега не е во доменот и сегментот на работата на ЗНМ. Од она што го знам и сум убеден е дека ние како здружение на новинари на Македонија ќе продолжиме да се грижиме и да настојуваме медиумите да работат и да известуваат во рамките на професионалноста и принципите на новинарството. Во вакви политички одлуки не би се мешале или не би се впуштиле во коментари, сепак како независно здружение оставаме на самите медиуми и нивните уредувачки политики сами да одлучат како ќе го користат новото име, односно како ќе известуваат за спроведувањето на Преспанскиот договор дома – вели првиот човек на ЗНМ Чадиковски. Претседателот на ЗНМ дообјаснува дека ова новинарско тело досега не дебатирало на оваа тема, единствено што е јасно, според него, е дека тој и ЗНМ во иднина ќе се залагаат за почитување на кодексот и принципите на новинарството и професионалниот нивен пристап во јавноста, а уредувачката политика на медиумите е надвор од нивната ингеренција и опсег на работа.

(продолжува)