Во 1969 година Австралиецот Лејвер вторпат триумфира на четирите најголеми турнири во една година, нешто што не му успеа на ниту еден тенисер досега, а кај жените ваков успех имаат Корт во 1970 и Граф во 1988 година

Поминаа 50 години откако Австралиецот Род Лејвер го освои последниот вистински гранслем во машкиот тенис, втор за него, триумфирајќи на четирите најголеми светски турнири, во Мелбурн, Ролан Гарос, Вимблдон и во Њујорк, во една година (1969-та). По него, само Маргарет Корт и Штефи Граф победија на четирите најголеми турнири во една година, во 1970, односно во 1988 година. Кај мажите такво нешто им успеало само на Американецот Доналд Дон Баџ во 1938-та и на Лејвер, во 1962 и во 1969 година. Серена Вилијамс и Новак Ѓоковиќ триумфираа на четирите турнири по ред, но во текот на две сезони.

Првиот гранслем-триумф на Лејвер беше во 1962 година, во ерата на аматерскиот тенис. Потоа стана професионалец и му беше забрането да настапува на најголемите турнири, сѐ до т.н. опен-ера, која почна на Ролан Гарос во 1968 година. Следната година професионалниот тенис дебитира на Австралија опен. Пред 50 години, на три од четирите најголеми турнири се играше на трева. Исклучок беше Ролан Гарос, на земја, па Лејвер мораше да настапува на повеќе такви турнири, за да ги гледа најдобрите и да учи од нив.

– Тогаш, тенисот беше сосема поинаков спорт, друг свет – објаснува Лејвер, кој е рекордер со вкупно 200 турнирски победи.

Тој тогаш користел четири рекети во текот на целата сезона. Денешните тенисери со толку не можат да одиграат ниту еден натпревар. Чифт тениски патики му траеле шест месеци, а денес тенисерите понекогаш ги менуваат меѓу сетовите. Лејвер живее во Калифорнија, но деновиве е почесен гостин во Мелбурн, на прославата на 50-годишнината од неговата победа на првиот турнир во опен-ерата. Оние што се сеќаваат на Лејвер како играч велат дека има малку сличности со неговиот сегашен изглед на мирен, симпатичен дедо и оти во неговото играње имало сѐ, најмалку наивност. На теренот бил смирен, ладнокрвен, дисциплиниран и подготвен на сѐ.

Кога победи на Вимблдон во 1961 година и кога во следната година го освои првиот гранслем, беше аматер и со група тенисери настапуваше на најпрестижните светски турнири, но речиси без заработка. Од друга страна, имаше друга група тенисери што како професионалци играа на турнири и добиваа пари за тоа, како Кен Розвел. Лејвер немаше избор, и тој стана професионалец во 1963-та, бидејќи му требаа пари за да живее и да си ги плаќа сметките. Играше најмногу во САД, во музички и во гимнастички сали. Лејвер се пензионира во 1978-та, на 38 години, со легендарна аура што успешно ја носи и денес. За многумина Лејвер, единствениот во историјата што двапати освоил календарски гранслем, е најдобар на сите времиња. 


Прв што заработил еден милион долари

Во 1972 година, Род Лејвер стана првиот тенисер што заработил еден милион долари во кариерата, но ни од далеку не можеше да се смета за богат. Наградите на тениските турнири тогаш не беа така вносни како денес. За победата на Вимблдон во 1961 година добил само 10 фунти и ракување. Во 1969-та, на пример, кога го освои вториот календарски гранслем и победи на вкупно 18 турнири заработката била 124.000 долари. За споредба, лани Новак Ѓоковиќ за триумфот на вкупно четири турнири, меѓу нив и на Вимблдон и во Њујорк, заработил 16 милиони долари.