Кенискиот Црвен крст синоќа соопштија дека пронајдени се 94 лица кои се водеа како исчезнати по терористичкиот напад врз луксузниот хотелски комплекс во Најроби.
При нападот врз хотелскиот комплекс „ДуситД2“ загинаа 21 човек, а петте напаѓачи се убиени.
Меѓу загинатите се 16 Кенијци, од кои еден полицаец, еден Британец, еден Американец и тројца Африканци, чија националност не е соопштена.
Нападот врз луксузниот хотелски комплекс „ДуситД2“ на 15 јануари го извршија припадници на терористичката група Ал Шабаб, поврзана со Ал Каеда, кои фрлија бомби врз возилата на паркингот, а потоа влегоа во предворјето на хотелот, каде еден од нив го активира експлозивот што го имал на себе. Потоа напаѓачите отворија оган.
Опсадата на хотелскиот комплекс заврши по 20 часа, а напаѓачите беа убиени од кениските безбедносни сили.
Ал Шабаб соопшти дека нападот е одговор на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел.
Седиштето на Ал Шабаб, која презеде одговорност за нападот, е во Сомалија. Терористичката група во 2013 година изврши напад врз трговскиот центар Вестгејт во Најроби, при што загинаа 67 луѓе.
Нападот уследи откако во понеделникот кенискиот суд одлучи да им суди на тројца осомничени мажи дека биле вклучени во нападот врз трговскиот центар Вестгејт.