Законот за јазиците ги унапредува правата на сите немнозински заедници и не предвидува нови вработувања, а македонскиот јазик со кирилското писмо останува единствен службен јазик и на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, велат во денешното соопштение од Владата во врска со ширењето лажни вести и невистини за примената на Законот за употреба на јазиците во РМ, а пренесува МИА.

– Законот за употреба на јазиците во Република Македонија, беше донесен соодветно на предвидените процедури во Собранието на РМ. Опозицијата ги имаше сите можности амандмански да учествува во усовршувањето на законот. Опозицијата сама донесе одлука да не учествува во политичкиот процес на донесување на Законот за употреба на јазиците. Неучеството не ја исклучува политичката одговорност на опозицијата за нивното одбивање да бидат дел од унапредувањето на правата на граѓаните во нашата земја – велат од Владата на РМ.

Оттаму посочуваат дека, лажните или неосновани тврдења за наводен дополнителен товар во буџетот и за нови вработувања се само изговори и опструкции на опозицијата.

– Вистината е дека Агенцијата за примена на јазикот и Инспекторатот за употреба на јазиците, како што предвидува законот и како што беше утврдено со политичкиот  договор за негово донесување, кадровски ќе бидат екипирани од постоечките човечки реурси во министерствата, агенциите и секретаријатите. Не се предвидени нови вработувања – стои во соопштението од владината прес-служба.

Спроведувањето на законските одредби, како што истакнуваат од Владата, е обврска на сите институции опфатени за негова примена.

– Погрешно и манипулативно е тврдењето дека Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република Македонија со својство на правно лице, ќе го издигне албанскиот јазик над сите останати јазици во Република Македонија. Вистината е нешто сосема друго, односно работата на Агенцијата ќе се однесува на сите јазици – се додава во сооштението.