Фото: Горан Анастасовски

Како и други парнокопитни животни, машките жирафи мора „да ја анализираат“ урината на женката со цел да утврдат дали е подготвена да забремени. Ова е, велат познавачите, само една од занимливите тривијалности за сексуалниот живот на жирафите.

– Тој треба да ја натера женката да соработува. Ако мажјакот не може да го направи тоа, тој ќе знае дека „нема иднина“ за нив – вели ветеринарката Линет Харт.

За жал, на животните високи неколку метри не им е толку лесно да мириснат локва урина на земјата. Затоа мажјакот мора некако да ја убеди женката да уринира пред него, за тој „да го фатат“ текот во воздух. Кога мажјакот ќе испие дел од урината на женката, тој плука млаз и прави посебна, специфична гримаса, па така, тој со своите сетила „открива“ феромони, пишува „Сајенс алерт“ (Science Alert).

Линет и Бенџамин Харт ги набљудувале овие животни во Националниот парк Етоша Пан во Намибија. Во 102 наврати ги снимиле обидите на мажјакот да истражи дали женката е подготвена за парење.

Притоа, високиот мажјак ја душка или тапка пониската женка одзади. Или пак, само ѝ се доближува, бидејќи женките кои сакаат да се парат, по сѐ, изгледа оти знаат кого да чекаат и пред кого да уринираат.

Научниците исто така забележале и дека жирафите понекогаш ‘ржат за време на „додворувањето“. Понекогаш, пак, тие крици наликуваат на грофтање, кашлање, своевидно свиркање, па дури и на „морничаво потпевнување“ ноќе, се вели во написот за истражувањето првично објавен во списанието „Анималс“ (Animals).