Средба Ковачевски - Сорос, 19 февруари 2023 во Минхен (Фото Влада)

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, на Минхенската безбедносна конференција се сретнаа Џорџ Сорос, освовачот на „Отворено општество“, соопшти прес-службата на Владата.

На средбата присуствувал и синот на Сорос, Александар.

„Соговорниците истакнаа дека отвореноста на државата за развој на демократијата, владеење на правото се клучни за развој на економијата, за нови инвестиции од домашни и странски компании“, се наведува во владиното соопштение.

Според соопштението, премиерот Ковачевски на средбата рекол дека Владата ќе продолжи да го поддржува слободоумното граѓанство и критичката маса.

Од Владата не соопштија повеќе детали за тоа кој бил поводот за средбата.