Базиран на најпопуларниот негативец од „ДС комикс“, вечниот непријател на Бетмен, Џокер на Тод Филипс на маестрален начин успева да излезе од стандардните шеми на суперхеројските блокбастери и преку еден суров реализам ја носи публиката во светот на отфрлените, сиромашните, бедните и заборавените

Најновиот филм од режисерот Тод Филипс, „Џокер“, успеа да ја потресе и поларизира филмската публика уште пред да почне официјално да се проектира во киносалите низ светот. По филмовите „Мамурлак“, „Борат“ и „Кучиња на војната“, Филипс изненадува со директен скок од комедија во тежок психолошки трилер како „Џокер“ и создава дело што ќе продолжи да копа по вашата потсвест со денови откако ќе го погледнете. Базиран на најпопуларниот негативец од „ДС комикс“, вечниот непријател на Бетмен, Џокер на Тод Филипс на маестрален начин успева да излезе од стандардните шеми на суперхеројските блокбастери и преку еден суров реализам ја носи публиката во светот на отфрлените, сиромашните, бедните и заборавените, притоа обелоденувајќи ја опасноста што доаѓа кога овие луѓе на кои им е потребна помош ќе бидат омаловажувани и игнорирани.

Овој филм за Џокер црпи голема инспирација од филмовите „Таксист“ и „Кралот на комедијата“ од Мартин Скорсезе, но сосема умерено и со кристално јасна причина. Филипс дури и го ангажира Роберт де Ниро да игра улога што на специфичен начин го поврзува со овие два филма во кои тој глуми.
А „Џокер“ може да се вика како било поинаку. Ова е филм што иако во основа користи популарен стрипски лик што живее во Готам, град што се задушува во отпад и стаорци, всушност е приказна за човек што живее во Њујорк во тоа време, човек што се обидува да сврзе крај со крај, да ги преживее сиромаштијата, невработеноста и криминалот, додека се соочува со нарушеното психичко здравје и застрашувачките резултати од укинатите здравствени финансии.
Ликот на Артур Флек го толкува феноменалниот Хоакин Феникс. Тоа е човек што секојдневно преживува тортури од соработниците, луѓето на улица и својата болест – состојба што го тера неконтролирано да се смее во несоодветни ситуации. Откако ќе ја изгуби својата работа како кловн што „не е доволно смешен“, неговиот живот почнува да се распаѓа со голема брзина. Флек, кој живее со својата болна мајка, сонува да стане стендап-комичар и секојдневно се подготвува за својата идна кариера, земајќи белешки и смислувајќи нови шеги. Тој води дневник во кој ги запишува своите темни мисли и бизарни идеи за шеги, а во меѓувреме развива опсесија за својата сосетка Софи, самохрана мајка, чиј лик го толкува Зази Битс.

Животот на Артур се претвора во комплетна мизерија откако му се ускратува можноста да посетува психотерапевт, а неговата кршлива ментална состојба, потпалена од изживување на тројца млади, богати, неподносливо арогантни и дрски луѓе, е она што го буди ликот на Џокер, со кој светската публика е добро запознаена. Оттаму, нештата почнуваат драстично да ја менуваат својата насока. Граѓаните на Готам дознаваат за „кловнот што убил тројца богаташи“ и започнува бунтот на отфрлените, а Артур Флек, игнорираниот, исмеваниот и чудакот што се смее кога не треба, конечно го добива вниманието што го бара, вниманието што само ќе почне да ги влече нештата надолу.
Многумина веруваа дека по изведбата на Хит Леџер на светот не му е потребен друг Џокер, но Хоакин Феникс нѐ убедува во спротивното. Освен што телесно се трансформира за оваа улога, секоја сцена во која Феникс зборува, фантазира, танцува и се смее претставува своевидно уметничко дело. Менталната состојба со која се соочува неговиот лик е всушност вистинско ментално нарушување, наречено Псевдобулбар Афект. Феникс ни ја претставува оваа состојба толку реално, што секојпат кога се смее, публиката може да ја почувствува неговата болка. Тоа смеење, испреплетено со плач и задушување, предизвикува мачнина кај секој што го посведочува. Хоакин Феникс глуми негативец, убиец што ужива во своите злодела и успева да разбуди гнев, гадење и длабоко разбирање кај публиката. И токму тука настанува големата експлозија на негативни реакции од страна на гледачите и филмските критичари, кои се гладни за внимание и го ставаат акцентот на погрешниот проблем.

Не е првпат да се дискутира на темата „насилни содржини инспирираат насилство“. По масакрот што се случи на премиерата на „Бетмен: темниот витез“(2012) во Колорадо од страна на ментално растроен човек облечен како Џокер, паниката беше неизбежна во овој случај. Но дали навистина треба да се бара вината во уметноста? Дали навистина се виновни филмовите и видеоигрите со насилна содржина или, пак, властите и несоодветното регулирање со огнено оружје, особено во САД? Дали уметноста е должна да биде политички коректна и да биде одговорна за однесувањето на одредени индивидуи? Премногу е лесно да се дигне прашина и да се премести фокусот од она што е вистинската опасност. Она што можеби најмногу ја растревожи и исплаши публиката со „Џокер“ на Тод Филипс е начинот на кој изведбата на Хоакин Феникс прави да сме истовремено свесни за злото што врие во ликот на Џокер и моќта што ја поседува како претставник на многубројната сиромашна и отфрлена група на граѓани, но наедно буди сожалување и разбирање, а во одредени, јасно дефинирани сцени, дури и идентификување и поддршка. Овој Џокер нѐ тера да размислуваме и морално да се преиспитуваме. Ова е тежок филм, еден од ретките што се фокусираат на тема што е толку кревка што намерно се избегнува. Ова е филм што длабоко навлегува во тематиката на менталното здравје и опасноста од несоодветното третирање.
Но наместо да дозволиме Џокер да нѐ плаши наместо да ги затвораме очите пред вистинските проблеми, наместо да веруваме дека секоја личност со ментално нарушување е агресивна, можеби треба да се обидеме да ја прочитаме вистинската порака на филмот. Опасноста лежи во малтретирањето, игнорирањето, исмевањето и суровата бесчувствителност кај обичниот народ, оној што не убива како Џокер. Покрај маестралната изведба на Хоакин Феникс, овој филм го красат и одличната кинематографија на Лоренс Шер, кој стоеше зад камерата на филмовите „Диктатор“, „Годзила“, „Мамурлак“, како и одличната музика на Хилдур Гуднадотир. „Џокер“ веќе освои „златен лав“ за најдобар филм на Венецискиот филмски фестивал, а лесно е предвидлива и номинација за „оскар“.