Со препознатливата макфестовска химна, синоќа во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип започна 34-то издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест”.

– Задоволство е да се биде на еден фестивал, кој долги години, почнувајќи од далечната 1986 година во контиунитет е бренд на градот Штип, но истовремено е и симбол на препознатливост на нашата музичка култура и во многу пошироки рамки – истакна министерот за култура Хусни Исмаили пред почетокот на првата фестивалска вечер на „Макфест“.
Тој додаде дека овој фестивал на забавната музика, кој опстојува 34 години, стана бренд не само на градот Штип, туку е и манифестација која овозможи бројни сегашни музички ѕвезди да блеснат на сцената за првпат.

– Овој фестивал можеби е и повеќе на текстописците, на композиторите и на многу луѓе коишто работат позади сцената, вклучувајќи ги и новинарите. Со еден збор сакам да кажам дека поради значењето на овој фестивал, ние како Министерство за култура и понатаму ќе продолжиме да го поддржуваме, а како што и оваа година беше и нашата најголема поддршка во однос на минатите години – вели Исмаили.

Во рамки на 34-то издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ во двете полуфинални вечери ќе бидат изведени 30 композиции, а финалната вечер е в сабота.