Фото: Охридско лето

Шеесет и второто издание на фестивалот „Охридско лето“ денеска ќе продолжи со традиционалната Полска вечер во чии рамки ќе настапи триото Супниевски.Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Ова трио го сочинуваат Каролин Супниевски-чело, Магдалена Супниевски-виолина, Ана Супниевски- виолина.

Триото „Супниевски“ основано во 2016 година го сочинуваат три сестри, растени во семејство со полско потекло во кое музиката имала централно место. Каролин, Магдалена и Ана свират заедно од многу рана возраст. Студирале со реномирани музичари како Франоа Салк на Францускиот конзерваториум, квартетите „Модиљани“ и „Диотима“, со Кристоф Чорзелски и Гунтер Пихлер како дел од мајсторските курсеви Про-квартет. Избрани се да учествуваат во Академијата „Равел“ во Сан Жан де Луз каде освојуваат повеќе награди.

По нивниот концерт во Капелата на Езуитите во Каркасон, нивните настапи ги носат на повеќето значајни француски фестивали меѓу кои Фестивалот „Дебиси“, Музика во Версај и многу други.

Целта на триото е да го популаризира репертоарот наменет за ваков состав како што се Дивертиментото од Моцарт и Бетовеновите триа, истовремено посветувајќи им должно внимание и на помалку познатите композитори кои твореле за ваков состав како Донањи и Франса. Младиот композитор Рафаел Север им го посветува делото „Партита“, кое го снимиле на ЦД благодарение на соработката со издавачката куќа „Мираре“.

Во нивниот стремеж да истражуваат нов репертоар тие ја делат сцената со пијанистите: Александар Канторов, Клемен Лефевр, Адам Лалум, Жан-Филип Фонсалас, како и со виолинистите Александар Паскал и Уго Борсарело.