Европската комисија наскоро ќе го претстави планот за четирикратно зголемување на европското производство на електронски чипови до 2030 година и тоа ќе биде една од главните иницијативи на европската индустрија, клучна од геополитичка гледна точка.
– Сакаме да достигнеме 20 проценти од светското производство до 2030 година, знаејќи дека дотогаш пазарот треба да се удвои. Затоа, Европа би требало да го помножи сопственото производство со четири – изјави европскиот комесар за внатрешна трговија Тиери Бретон, за францускиот весник „Лес екос“.
Глобалната економија сега се соочува со недостиг од полуспроводници, додека побарувачката е зголемена поради зголемената дигитализација.
Еврокомесарот вели дека новиот проект наречен „Чипс акт“ делумно ќе биде финансиран од европските фондови.
– Помошта нема да биде доделена само за финансирање на зголемувањето на сегашните производни линии за да се справиме со сегашниот недостиг, туку ќе ги поддржи иновациите и производството на чипови од новата генерација – вели Брентон.