Во првите денови од јануари, во Шпанија, тутунските компании ќе мора да почнат да плаќаат за чистење на улиците од фрлените догорчиња. Сè уште не е официјално познато колку ќе треба да издвојуваат компаниите годишно за чистење на улиците, но се поставува прашањето дали тоа ќе доведе до ново поскапување на цигарите, па на крајот шпанските граѓани најмногу ќе го почувствуваат ова чистење по нивните џебови.
Откако шпанските власти пред извесно време го забранија пушењето на 525 плажи и воведоа драконски казни за сите оние што пушат и оставаат догорчиња на плажите, новиот закон за тутунските производи повторно е возбудлив.
Имено, во новата шпанска регулатива за заштита на животната средина стои дека тутунските компании ќе мора да плаќаат за отстранување на фрлените цигари, односно за догорчињата фрлени на улица. Оваа мерка стапи во сила од 6 јануари, а тутунските компании се должни да ги предупредат пушачите да бидат одговорни за своите цигари, од кои милиони се фрлаат на улиците и плажите.
Тамошните власти сè уште не објавија како ќе се спроведе чистењето и колку ќе ги чини тоа тутунските компании, но според студијата „Зеироу вејст сосајати резеро“, е проценето дека трошоците ќе бидат меѓу 12 и 21 евро по граѓанин годишно, што е до една милијарда евра вкупно. Производителите на цигари веројатно ќе ги пренесат трошоците на потрошувачите со зголемување на цените на производите, што исто така може да послужи како уште еден поттик за откажување од пушењето.
Со милијарди догорчиња што се фрлаат на улиците секоја година, тие се еден од најчестите видови ѓубре. Ним им требаат околу 10 години за да се разградат и да ги ослободат токсичните материи како што се оловото и арсенот. Според непрофитната организација „Оушн консерванси“, догорчињата од цигари се исто така најчестиот вид морско загадување, пред пластичните шишиња и ќесињата.