Девет членки на Европската Унија и шенген-зоната целосно ги укинаа мерките поради ковид-19 за влез во земјите, некои од нив го олеснија режимот за влез, а другите ги задржаа мерките за одредени категории патници, покажуваат податоците на порталот „Шенгенвисаинфо“.
Според податоците, Данска, Унгарија, Исланд, Ирска, Норвешка, Полска, Романија, Словенија и Шведска ги укинале сите мерки за влез на сите патници.
Чешка, Летонија и Холандија ги укинаа ограничувањата поради ковид-19 за влез само за патниците од земјите на ЕУ и членки на Европската економска област (ЕЕА), пренесува „Ал џезира“.
Австрија, Белгија, Кипар, Естонија, Финска, Франција, Хрватска, Германија, Грција, Литванија, Малта, Португалија, Словачка, Шпанија ги задржаа мерките поради ковид-19 за влез во земјата.
Ако сакате да влезете во Австрија, на пример, мора да продолжите да покажувате важечки сертификат за вакцинација, потврда за прележан ковид-19 или негативен тест. Истите правила важат и за влез во Белгија, Бугарија, Хрватска, Германија.
Кипар, на пример, е уште построг и на островот дозволува да влезат, без никакви ограничувања, лица што се вакцинирани и лица што прележале ковид-19, додека другите патници, доколку нивната земја е на таканаречената зелена листа, можат да влезат со негативен тест, а доколку доаѓаат од земјите од црвената листа бараат дополнителен тест.
Естонија го задржа правилото дека само вакцинирани лица и оние што прележале можат да влезат во земјата без карантин или обврска да бидат тестирани таму.