Деновиве на повеќе локации во Битола и околината се снима филм „Ататурк“ во продукција на турската продуцентска куќа „Ланистар Медиа“ и во соработка со македонската продуцентска куќа „Сектор филм“. Овој проект е финансиски поддржан од каналот „Дизни плус“ на којшто ќе се емитува.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, оствари работна средба со филмската екипа на терен. Режисерот на серијата Мехмед Ада Озтекин, истакна
дека ова не е негов прв проект кој се снима во Битола и особено му се заблагодари на градоначалникот за поддршката од страна на општина Битола, која го овозможи
снимањето на серијата.

Коњановски посочи дека Битола е позната локација за филмската уменост, бидејќи градот сам по себе и културно-историски споменик, кој од дамнина е поврзан со филмската уметност преку браќата Манаки. Во поновата историја на градот, филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ е вистински промотор на градот во светот на филмската уметност. Градоначалникот се заблагодари за можноста која што е дадена од страна на филмската екипа, како статисти во овој проект да учествуваат 1.500 лица од
Битола и околината, а со реализација на овој проект,  за
потребите на продукцијата се исполнети и хотелските
капацитети во Битола.

Македонскиот партнер во проектот, „Сектор филм“, изрази посебна благодарност на големата поддршка од Коњановски, општината Битола, сите нејзини институции, а секако и граѓаните на Битола.

Без оваа поддршка снимањето на овој обемен проект би бил невозможен. Од „Сектор филм“ се надеваат дека овој проект ќе донесе уште поголема афирмација на Битола и
нејзината околина како филмски локации за бројни идни телевизиски и филмски проекти.

Серијата која што го обработува животот на светскиот револуционер и државник, Мустафа Кемал – Ататурк ќе се состои од шест епизоди.

Главната улога ја толкува младата актерска ѕвезда Арас Булут Ијнемли, познат на македонските гледачи преку неговите улоги во сериите „Како што минува времето“,
„Сулејман Величествениот“, „Јама“ и други. Покрај него, серијата има голема актерска екипа составена од бројни познати турски актери и актерки, како и светски актерски
имиња од Америка, Србија итн. Покрај бројната турска екипа, во снимањето е вклучена и голема македонска екипа. М.М.