Вечерва во центарот во Прилеп започнува манифестацијата Пиво фестивал, која ќе се одржи по 23 пат.

Пред почетокот на фестивалот денеска се одржа прес конференција на која беше посочено дека од вечерва до недела вечер сите патишта во Македонија ќе водат кон Прилеп.
– Ќе има три фестивалски вечери на кои ќе настапат популарни изведувачи. Ќе има убава музичка програма за сите вкусови. Ќе има и фан зона за сликање со препознатливиот симбол за Прилеп. Ќе има алтернативна сцена која ќе биде посебно уживање за младите, како и детска зона. На површина од околу 3.000 метри квадратни ќе има пет штандови со пивари кои ќе нудат 20 видови пиво, како и скара со која ќе се насладат посетителите. Стартот е вечерва со ДЈ, па потоа Бонгас, Огнен Здравковски и на крајот е Џенан Лончаревиќ – изјави Илија Волчески, кој манифестацијата ќе ја води со водителката Симона Илиеска.
Покровител на Пиво фестивалот е Општина Прилеп, која за неговата реализација оддели два милиони денари.
Градоначалникот Дејан Проданоски ги покани граѓаните од цела Македонија да дојдат и да го посетат Прилеп.
– Подготвени сме за манифестацијата. Комплетната инфраструктура е поставена. Ќе ги пречекаме најубаво гостите. Вечерва го отвораме фестивалот. Ги повикуваме граѓаните да бидат тука, ќе имаат добра забава и музика, храна, да вкусат различни пива и скара. Ги повикувам сограѓаните да не користат превозни средства со цел да им овозможиме на гостите да ги паркираат возилата. Сите јавни комунални претпријатија се подготвени, а безбедноста ќе биде на ниво – рече градоначалникот Проданоски, кој посочи дека ќе има 3.000 метри квадратни во центарот со 15 штандови.
Во следните денови настапуваат и други изведувачи, а главни ѕвезди се уште Милица Павловиќ која ќе настапи в сабота, а в недела Пиво фестивалот се затвора со настапот на популарната ѕвезда Јелена Розга. Ка.М

































