По пауза од неколку години, вечерва, во салата на културниот дом „Марко Цепенков“ во градот под Марковите кули, ќе се одржи шестото издание на фестивалот на авторска народна музика „Прилеп фолк-фест 2022“, под покровителство на локалната самоуправа.
Организатор на фестивалот е продукцијата „Уан веј“, а уметнички директор е познатиот македонски текстописец Борче Нечовски.
– И оваа година прилепчани ги очекува вечер со квалитетни песни, и тоа отпеани од најзвучните имиња од нашата фолк-сцена. Ни претставува огромно задоволство што повторно се врати овој фестивал, бидејќи тој беше и ќе остане еден од симболите на градот Прилеп. Она што може да го ветиме се квалитетна музика и познати изведувачи докажани на македонската сцена, а се разбира можност да се претстават пред пошироката јавност ќе добијат и неколку нови имиња – велат организаторите.
Ќе настапат дваесетина изведувачи, а наградата за животно дело ќе ѝ биде доделена на Блага Петревска, која надвор од конкуренција ќе ја испее песната „Запеј генерацијо“.

– Имајќи го предвид долгогодишниот недостиг од квалитетна македонска народна музика, на годинешното шесто фестивалско издание на „Прилеп фолк-фест“ ќе понудиме свежи и квалитетни авторски народни песни. Огромна е одговорноста да се организира еден ваков фестивал, но уште поголемо е задоволството што ќе настапат голем дел од најдобрите пејачи и автори, придружувани од врвни музичари, кои оставиле огромен белег во нашата новокомпонирана народна музика. Одржувањето на вакви фестивали, секако, е од голема важност, имајќи предвид дека така се создаваат и нови имиња што ќе ја продолжат традицијата. Особено ме радува што на нашиот повик се одзваа буквално најдобрите и убеден сум дека и љубителите на народниот мелос во Македонија ќе уживаат во новите фестивалски рефрени – вели Борче Нечовски.
Според финалниот распоред, фестивалот ќе го отвори Нино Величковски со песната „Сами се казнивме“, а по него настапува Елена Велевска со песна за својот град – „Мојот Прилеп“. Групата „Фокус“ пее за „Двајца браќа“, Ивана Серафимовска ќе ја слушнеме со „Дуња на Василица“, а Зуица Лазова ќе ја исполни песната „Богородице“. Живе Мешуревски пее „Дури не те оставам“, а Сања Ристевска „Ајде чичо“, додека „Скопски боеми“ порачуваат: „Остајте ги мобилните“. Десетта е Сања Барбика, која пее „Сказалки се љубат“, а Иван Илиев вели „Нека оди бестрага“. Јордан Митев ќе ни открие која е неговата „Пуста желба неостварена“, а за Сани Гроздановска „Адресата е непозната“. Групата „Маестро“ вели „Една наша“, а гостинката од Србија, Драгица Радосављевиќ-Цакана, на македонски ќе ја испее песната „Ти ме правиш совршена“. Наум Петревски пее „Сѐ што имам“, а Татијана Стефановска сака да патува „Некаде на југ“. За Адријана Ацевска „Нема правила“, а Марјан Коцев ќе ни раскаже „Виртуелна приказна“. Последна, 20-та, ќе се претстави Сузана Гавазова со песната „Тетовирано“.
Дваесетте фестивалски учесници ќе ги отпеат песните на дел од најдобрите македонски автори: Миле Барбаровски, Милан Завков, Николче Мицевски, Дејан Момироски, Борче Нечовски, Горјан Стојановски, Огнен Неделковски, Ѓорѓи Барбаровски…
Влезниците за годинашното издание на „Прилеп фолк-фест“, по пристапна цена, може да ги набавите онлајн или во продажната мрежа на: kupikartizase.com
На Македонската телевизија ќе има директен пренос од фестивалската вечер.