Фото: Пиксабеј

Најголемата светска телекомуникациска компанија за мобилна телефонија, „Чајна мобајл“, беше првата во светот што успешно го лансира првиот сателит за тестирање на 6Г-мрежата.
Кина со тоа направи пресвртница во своите напори да ја истражи интегрираната вселенска и копнена комуникациска технологија. Сателитот беше лансиран на трети февруари заедно со уште еден сателит за 5Г-мрежата.
Тест-сателитот на 6Г-мрежата беше заеднички развиен од „Чајна мобајл“ и Академијата за иновации за микросателити на Кинеската академија на науките. Системот има домашен хардвер и софтвер и систем за автономно автоматизирано управување. Во орбитата на надморска височина од речиси 500 километри носи предности како мала латентност и голема брзина на пренос на податоци во споредба со сателитите што се на височина од 36.000 километри.
Сателитите во ниската орбита можат да го решат недостигот од покриеност со телекомски сигнал на копнените мобилни мрежи, обезбедувајќи светски сателитски интернет-услуги. „Чајна мобајл“ објави дека планира да спроведе експерименти, забрзувајќи ги интеграцијата и развојот на технолошката индустрија вселена – земја, пишува порталот „Чајна дејли“.