Светската здравствена организација ги повика земјите да ги интегрираат традиционалната и комплементарната медицина во нивните национални здравствени системи, и покрај значителните критики за поддршка на практиките што некои експерти ги сметаат за псевдонаука.
– Традиционалната медицина даде огромен придонес за здравјето на луѓето и има голем потенцијал – рече генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, на Глобалниот самит за традиционална медицина во Индија.
Шефот на здравственото тело на ОН рече дека традиционалната медицина „не е минато“, додавајќи дека за неа има зголемена побарувачка и дека е важна за превенција и лекување на незаразните болести.
– Ги повикуваме сите земји да се посветат на испитување како најдобро да се интегрираат традиционалната и комплементарната медицина во нивните национални здравствени системи – рече тој.
Здравствените осигуреници рутински не ги надоместуваат трошоците за комплементарна и алтернативна медицина, а студија од 2020 година покажа дека во Европа земји како Шведска, Данска и Норвешка надоместиле поголем број од овие третмани во споредба со Полска, Унгарија и Чешка, пишува „Политико“.
Повикот предизвика низа критики кај експертите и јавноста поради ставот на СЗО. Во серија објави на X, платформата порано позната како Твитер, СЗО објаснува како традиционалната медицина била столбот на некои важни научни достигнувања.
Многумина ја повикаа организацијата за промоција на „псевдонауката“, а особено ја критикуваа промоцијата на хомеопатијата.
– Навистина? Хомеопатијата не е традиционална медицина! Тоа е надрилекарство измислено од Германец пред само 225 години – напиша Дејвид Горски, хируршки онколог што ја уредува интернет-страницата „Сајенс бејзд медисин“.
Одговарајќи на повратните информации за објавата, СЗО рече дека се согласува дека оваа порака можела подобро да се артикулира.
– Нашата работа има цел да донесе докази и научна потврда за традиционалната медицина, така што милиони луѓе низ светот што користат комплементарна и традиционална медицина ќе разберат дали е безбедна и ефикасна и дека се подобро заштитени. Кога ќе биде научно потврдена, традиционалната медицина има потенцијал да ги премости празнините во пристапот за милиони низ светот – се вели во соопштението на СЗО.