Во Скопје се одржува меѓународно акредитиран конгрес, на кој ќе присуствуваат светски познати експерти од областа на денталната имплантологија. Конгресот се одржува во хотел „Хилтон“ на 19 и 20 април.
На конгресот учествуваат врвни стоматолози, орални и максилофацијални хирурзи од целиот свет. Во рамките на конгресот за првпат ќе се изведе сложен оперативен зафат на пациент – транспозиција на нерв, а видеопреносот ќе се емитува во живо, пред пошироката стручна јавност, односно учесниците на конгресот. Професор д-р Мазен Тамими, максилофацијален и орален хирург од САД, роден во Јордан, ќе го предводи зафатот и ќе ја демонстрира комплексната хируршка техника.
– Во Скопје ќе ја презентирам техниката за транспозиција на нерв, која е многу важна и во многу случаи единствено решение кај пациентите со губење заби и доста атрофирана долна вилица – вели професор д-р Мазен Тамими.
Дигиталните трендови во стоматологијата и новите концепти во имплантологијата се секако дел од темите што ќе ги покрие овој конгрес. Конгресот предвидува теоретски, практичен дел и презентирање напредна хируршка техника во делот на имплантологијата. Се очекуваат учесници од Европа, Америка, Азија, Африка, како и еминентни доктори од Македонија.
За првпат учесниците на конгресот ќе добијат европски кредит-поени CME и меѓународно акредитиран сертификат.
Конгресот e во организација на „Шуетц дентал“ од Германија, „Велидент трејд“ и „Импла стади клаб“ од Македонија.