Том Столтман заедно со неговиот брат Лук (лево) и поранешниот најсилен човек на светот, Брајан Шо (десно)/Фото: Принтскрин

Кога Том Столтман од Шкотска клекнал за да го крене петтиот и последен камен од 210 килограми, тој знаел дека тоа е единственото нешто помеѓу него и титулата „Најсилен човек на светот“, пренесува „Си-ен-ен“.

Тоа била последната задача во последната дисциплина која ја тестира границата на човековата сила. Натпреварувачи од целиот свет си ги одмеруваат силите во различни дисциплини и предизвици, како што е буткање на воз тежок 20 тони, правење чучневи со товар од 320 килограми до максимум репетиции, фрлање буре од 15 килограми во височина, како и други бројни и незамисливи подвизи на покажување сила.

На крајот само двајца останаа да стојат цврсто на нозе: Столтман и четирикратниот поранешен „Најсилниот човек на светот“, Брајан Шо. Откако Столтман се справил и со последниот камен, се свртел и го забележал неговиот американски противник како уште се мачи со предизвикот. Дваесет и седумгодишниот Шкот во тој момент знаел дека го постигнал навидум невозможното, односно дека станал насилен човек на светот.

Столтман потоа паднал на колена со олеснување, а во прославата му се придружил и неговиот брат Лук, кој исто така учествувал во натпреварот и завршил на седмото место.

Победата на Столтман исто така е интересна поради тоа што тој има аутизам, нарушување кое се карактеризира со тешкотии во социјалната интеракција и комуникација, кои честопати се претставени во ограничени, повторувачки шеми.

– Додека растев не знаев дека правам нешто погрешно. Сѐ што правев и секоја интеракција што ја имав мислев дека е нормална. Мислев дека другите деца, кои правеа различни работи, беа тие што не се во право – се присетува Столтман.

Неговата состојба се влошила за време на средношколските денови, па тој решил да им се довери на неговите пријатели.

– Ги собрав моите пријатели во една соба и им ја открив мојата тајна. Тие рекоа дека е во ред и дека ќе ме сакаат таков каков што сум. Тој ден ми падна тежина од рамениците и се чувствував нормално. Како нормален член на општеството – објаснува Столтман.

Кратко време потоа, Столтман почнал да оди во вежбалница со неговиот брат Лук, кој веќе учествувал во т.н. стронгмен-натпревари.

– Бев слабо момче со многу ниска самодоверба. На повикот на Лук почнав да одам во вежбалница и на почетокот го мразев секој момент поминат таму. Но, продолжив да се предизвикувам себеси, сакајќи да стигнам поблиску до нивото на Лук – се присетува Столтман.

Иако тој бил слаб, Столтман е многу висок и најважно од се, имал голем апетит. Една деценија подоцна, за да го подготви своето тело за безмилосните услови на тренинзите и натпреварите, Столтман вообичаено консумира над 10.000 калории на ден. Неговата состојба, исто така, му помогнала во предизвиците, бидејќи тој ја гледал како еден вид супермоќ.

– Се будите секој ден, ги јадете истите оброци секој ден. Ги правите истите работи секој ден. И одите во вежбалница во исто време секој ден – вели Столтман.

Во 2016 година, мајката на Столтман, подлегнала на ракот. Таа била неговата најголема поддршка, и пред да почине, тој ѝ ветил дека за неа ќе ја освои титулата за најсилен човек на светот. Џинот тежок речиси 200 килограми со насмевка размислува како таа би реагирала на неговата победа.

– Таа дефинитивно би врескала во ваков момент. Таа би врескала од рајот – вели Столтман.

И покрај емоционалните и физичките препреки што Столтман морал да ги надмине за да ги постигне своите цели, неговото патување го оставило со позитивен поглед кој тој се обидува да го пренесе на другите луѓе со аутизам.

– Секогаш им велам на малите деца и на родителите на деца кои имаат аутизам, да го користат како еден вид супермоќ. Знаете, ние сме различни. Но сега имаме предност над другите луѓе. Имаме супермоќ што другите ја немаат – заклучува Столтман.