Четири члена на тим за роботика од Епархиското училиште во Хонгконг постигнаа извонреден инженерски подвиг со изградба на најмалиот хуманоиден робот на светот. Роботот е висок само 141 милиметар, што е за 11,2 милиметри пократок од стандардното хемиско пенкало, соборувајќи го рекордот поставен од Пакистанецот Заин Ахмад Куреши во 2022 година. Иновативниот тим зад новата креација се состои од Арон Хо Јат Фунг, Исак Захари То, Џастин Ванг Ту Дуонг и Нго Хеи Леунг. Нивниот хуманоиден робот е официјално признаен како Гинисов рекорд.
Во својата работа, студентите сакаа да се погрижат нивниот робот да има голем опсег на движења, што значи да ги движи рамената, лактите, колената и колковите, а истовремено да го совлада и движењето на две нозе. Тие користеа CAD за дизајнирање на роботот, а по финализирањето на техничките спецификации и потребните компоненти, се потпираа на експертизата на фабриката за производство на серво-мотори приспособени на нивните барања.
Тие мотори играат клучна улога во функционалноста на роботот, олеснувајќи ги прецизната ротација и движење и му даваат моќ на роботот да ги движи екстремитетите. За да се постигне синхронизација на овие сложени компоненти, тимот набави 16-канална серво-контролна плоча, како и низа основни хардверски материјали, од завртки и навртки до жици и батерии.
Учениците направија акрилни панели за роботот и користеа 3Д-печатач за производство на компоненти во лабораторијата за роботика во нивното училиште. Оваа комбинација на врвна технологија и иновативен дизајн кулминираше со создавање навистина извонредно роботско чудо.
Покрај поставувањето нов светски рекорд, студентите го замислија овој робот како едукативна алатка, бидејќи како компактен, достапен, може да се полни и програмира, може да се користи во едукативни работилници СТЕАМ (наука, технологија, инженерство, уметност и математика). Целта на оваа иницијатива е да се поттикнат инклузивноста и пристапноста во рамките на технолошката едукација. За да се унапреди СТЕАМ-образованието, тимот има намера да ги направи дизајнот и програмскиот код на роботот слободно достапни за секого.