Џо Роган/Фото: Принт-скрин

Платформата за стримување музика „Спотифај“ е во процес на отстранување на музиката на Нил Јанг бидејќи компанијата нема намера да го повлече подкастот на Џо Роган, по приговорите на музичарот дека шири дезинформации за вакцината против ковид-19.

Канадскиот пејач-текстописец го осуди ширењето на лажни тврдења за коронавирусот на главниот подкаст на платформата, и беше дециден: „може да го имаат или Роган или Јанг. Не двајцата“.

Инаку, „Њујорк тајмс“ претходно го опиша Роган како „еден од најконсумирните медиумски производи на планетата. Неговиот подкаст е најпопуларен на „Спотифај“.

Во 2020 година, Роган потпиша договор од 100 милиони долари што му даде на стриминг-гигантот ексклузивни права за неговата емисија.

Но, оваа недела, Јанг објави отворено писмо до својот менаџер и издавачката куќа, кое подоцна беше избришано, а во кое тој наведе: „со 11 милиони слушатели по епизода, „Џо Роган експириенс“ кој се хостира исклучиво на „Спотифај“, е најголемиот подкаст во светот и има огромно влијание. „Спотифај“ има одговорност да го ублажи ширењето на дезинформации на својата платформа, иако компанијата во моментов нема политика за дезинформации.“

– Веднаш да го известите „Спотифај“ дека сакам целата моја музика да ја повлечат од нивната платформа… Тие можат да го имаат Роган или Јанг. Не и двајцата – порача музичарот.

Портпаролот на „Спотифај“ вчера потврди за „Холивуд репортер“ дека платформата ја повлекува, односно отстранува музиката на Јанг.

– Сакаме сите светски музички и аудио содржини да бидат достапни за корисниците на „Спотифај“. Со тоа доаѓа голема одговорност во балансирањето и на безбедноста на слушателите и на слободата на креаторите. Имаме детални правила за содржина, и досега, од почетокот на пандемијата, отстранивме преку 20.000 епизоди на подкасти поврзани со Ковид. Жалиме за одлуката на Нил да ја повлече својата музика од Спотифy, но се надеваме дека наскоро повторно ќе му посакаме добредојде – изјави портпаролот.

Странските медиуми потсетуваат дека од почетокот на пандемијата, Роган, кој има легии посветени следачи, постојано шири дезинформации и лажни тврдења.

Пред неколку недели, 270 лекари, научници, здравствени работници и професори напишаа отворено писмо до „Спотифај“, изразувајќи загриженост за медицинските дезинформации на подкастот на Роган.