Фото: Bakersdozen77

Родната куќа на Али Риза Ефенди, татко на Мустафа Кемал Ататурк, кој, пак, се смета за политички татко на современа Турција, се наоѓа во селото Коџаџик и е прогласена за споменик на културата на Македонија

Знаменитостите на Македонија

Родната куќа на Мустафа Ататурк се наоѓа во североисточниот дел на селото Коџаџик, на карпест и стрмен терен, со поглед кон тврдината Коџаџик. Таткото на Кемал Мустафа, Али Риза Ефенди, е роден во куќата на својот татко Казли Хафез Ахмед, кој бил на служба во османлиската армија. Али Риза останал да живее во куќата во Коџаџик до втората половина на 19 век, додека кон крајот на 20 век се преселил во Солун и се оженил со Зебеиде Ханим, која потекнувала од старо османлиско семејство од Лангаса, близу Солун. Во Солун е роден нивниот син Кемал Мустафа. Али Риза, воден од желбата да ја зачува врската со родната земја, го испратил синот во военото училиште во Битола.
Куќата во која живеела фамилијата на Али Риза, според скромните археолошки остатоци на ниво на темелни партии и аналогиите со некои зачувани куќи во околните села, веројатно била изградена во истиот архитектонски стил како и другите од тој период, со горенаведените архитектонски и градежни елементи.
На самото место, покрај остатоците од куќата на Али Риза, наречена уште и „куќа на семејството Ататурк“, во непосредна близина се наоѓаат и остатоците од друг станбен објект наречен роднинска куќа. Заедно остатоците од тие две градби претставуваат единствена целина, како сведоштво за потеклото и животот на семејството Ататурк во селото Коџаџик. На тој простор, западно од градбите, се наоѓа и спомен-обележјето што било подигнато пред обновата на двете куќи.

Фото: Тони Ристовски

Спомен-обележјето, подигнато во 2004 година, се наоѓа на најниското ниво на самото возвишение, со пристапни скали, камена ограда и плато со спомен-плоча. На мермерната спомен-плоча, на македонски и турски јазик е испишан следниот текст: „Куќата на Али Риза Ефенди во с. Коџаџик има специфично историско значење како станбен објект што им припаѓа на предците на Мустафа Кемал Ататурк”.
Врз темелите на старата куќа е изградена спомен-куќата на семејството на Ататурк. Овој меморијален комплекс се простира на повеќе од 20.000 квадратни метри, каде што се изградени двете автентични куќи, семејната и роднинската, а во самиот двор е изграден и амфитеатар. Овој меморијален споменик е изграден од Министерството за култура и турската агенција ТИКА. Овој музеј е отворен на 19 мај 2014 година со меѓудржавна свечена церемонија.
Ѕидовите на двата објекта пред нивната обнова биле од кршен необработен и полуобработен камен, измачкани со кал. Во двата објекта, подот не постоел, додека од зачуваните ѕидни остатоци се оцртувале влезовите во објектите. Д.Ст.


Кој е Мустафа Кемал Ататурк?

Мустафа Кемал Ататурк е истакнат турски офицер, револуционер и државник, основач на Турската Република, како и нејзин прв претседател. Станал познат како мошне способен воен офицер за време на Првата светска војна. По поразот на Отоманското Царство, тој го предводел турското национално движење во турската војна за независност. Со основањето на привремената влада во Анкара, тој ги поразил силите на Сојузот. Неговото успешно и мудро предводење на војската и воените битки довело до ослободување на државата и основање на Турција. За време на својот претседателски мандат Кемал Ататурк остварил економски, политички, културни и социјални реформи во државата. Тој успеал старото Отоманско Царство да го трансформира во современа демократска и секуларна држава. Сите промени што ги извршил Ататурк и неговите идеали се наречени со еден заеднички поим – кемализам. Д.Ст.