Комплетирана програмата за „Гет егзитед“ во Струмица

Објавена е целосната програма на второто издание на „Гет егзитед“ во преубавиот струмички градски парк. „Егзит“ и Општина Струмица за 7 септември подготвуваат спектакл што го предводат Џон Њуман, Бурак Јетер и Констракта, а сега им се придружуваат „Ван Гог“, „Џамбо Агушеви оркестар“, Лана и „Д Георс“. Овие одлични изведувачи за време на маратонската забава на посетителите ќе им донесат разновиден звук – од соул, поп и рок, преку најголемите глобални хитови, до музика на светот и техно. Струмичкиот „Гет егзитед“ го организира тимот на „Егзит“, во соработка со Општина Струмица, влезот е слободен, додека за посетителите што овој голем настан сакаат да го доживеат на специјално ниво во продажба се ВИП-влезници.

Македонскиот „Џамбо Агушев оркестар“ на сцената

Суверената поп-соул ѕвезда Џон Њуман, турскиот продуцент, хитмејкер и диџеј Бурак Јетер и една од најпосебните музичарки на нашите простори, Констракта, на 7 септември ќе се најдат во исклучително друштво на колегите и колешките од регионот. Квалитетната гитарска страна на „Гет егзитед“ ќе ја предводат рок-ветераните на регионалната сцена, бендот „Ван Гог“. Во тридецениската кариера тие создадоа 10 студиски албуми, меѓу кои и најновиот „More bez obala“. Овој бенд, оформен во 1986 година, наполни многу арени во Србија и светот и двапати ја освои регионалната награда „емтиви“. Пејачот, гитарист, автор на песните и лидер на групата Звонимир Ѓуриќ-Џуле во 2019 година ја објави книгата „Ван Гог – Море без брег“, со стихови од песните, фотографии и, како што се вели во описот на книгата, тајни.

Македонскиот „Џамбо Агушев оркестар“ потекнува токму од Струмица, а денес е еден од најдобрите трубачки ансамбли на Балканот. Првото аудиоиздание за меѓународниот пазар го објавија во 2016 година, што беше важен чекор во трасирањето на патот на овој бенд кон светската сцена, додека во 2020 година пристигна вториот албум, насловен „Brasses For the Masses“, и тоа за угледната германска издавачка куќа „Асфалт танго“. Овој албум донесе одлична изведба, но и нов, практично фанки-звук, како и композиторска разновидност што оркестарот „Џамбо Агушеви“ во полн сјај ќе ја покаже во струмичкиот градски парк.

Лана – млада надеж на електронската сцена

Ќе бидат претставени и исклучителни млади уметници од полето на електронската музика, меѓу кои се Лана и „Д Георс“. Лана е продуцентка и диџејка од Нови Сад, една од најперспективните млади надежи на електронската сцена. Нејзиниот пат кон ѕвездите почна кога на 13 години за првпат настапи на „Егзит“ како најмлада учесничка, а зад себе веќе има настапи со најголемите глобални имиња, меѓу кои се Нина Кравиц, Амели Ленс, Пол Калкбренер и Индира Паганото. Лани есента започна да ги објавува првите изданија – прво „My Journey“, а потоа и ЕП „White Shadows“, во соработка со Себастијан Хас. Така стана најмладата продуцентка на листата „Топ 100 прогресив-хаус“ на „Битпорт“. Оваа инспиративна млада музичарка е наедно и првото име што истапи пред сеопфатниот центар на „Егзит“ за развој на глобални музички ѕвезди.

„Д Георс“ е македонско мелодик-технодуо составено од двете сестри близначки Патриција и Андреа Геор. Патувањето во светот на електронската музика го започнаа во 2015 година, а освен во родната Македонија, досега настапувале и во Швајцарија, Грција, Албанија, Бугарија, додека глобалните сцени секако ги очекуваат. Покрај големата љубов кон класичната музика и свирењето клавир и виолина, сестрите Геор зад себе имаат и успешни кариери во манекенството, кои траат повеќе од деценија.