Пет мини-библиотеки исполнети со дела од современи европски автори се поставени на фреквентни локации низ Скопје. Граѓаните можат бесплатно да позајмат книга, да ја прочитаат и потоа да ја вратат на истото место, за приказната да продолжи кај следниот читател.

Оние населби во кои граѓаните совесно ќе ги користат мини-библиотеките, ќе ги чуваат книгите и ќе ги враќаат откако ќе ги прочитаат, ќе добиваат и нови приказни. Издавачката куќа „Сакам книги“ периодично ќе ги освежува добро зачуваните библиотеки со нови наслови, со што нивниот избор постојано ќе расте, а до читателите ќе стигнуваат нови европски автори и дела. Колку повеќе се грижиме за книгите, толку повеќе книги ќе има за целата заедница.

Мини-библиотеките се поставени на Средно Водно, во Градскиот парк во близината на „Номад кафе“, во паркот „Македонија“ спроти „Веро“ – Тафталиџе, во паркот во Ѓорче Петров во близината на фонтаната и во паркот „Авионче“ во Аеродром.

Концептот е едноставен и се темели на доверба и споделување: секој граѓанин може слободно да земе книга, да ја прочита и да ја врати во истата мини-библиотека, за таа да стигне до нов читател. На овој начин, јавните простори добиваат нова културна вредност, а читањето станува подостапно и поблиско до луѓето.
– Со поставувањето мини-библиотеките сакаме книгите да бидат таму каде што се луѓето – во парковите, на прошетка, во природа и во срцето на градските населби. Секоја позајмена и вратена книга е нова средба, ново искуство и доказ дека културата на читање може да се гради заеднички – изјави Ивана Спасев, лидерка на проектот и дел од издавачката куќа „Сакам книги“.

Реализацијата и поставувањето мини-библиотеките се овозможени во соработка со Град Скопје, Општина Ѓорче Петров и Општина Аеродром, кои ја поддржаа иницијативата за создавање достапни книжевни катчиња во јавниот простор.
Од „Сакам книги“ апелираат граѓаните одговорно да ги користат библиотеките, да ги чуваат книгите и редовно да ги враќаат, за што повеќе деца, млади и возрасни да добијат можност да ги прочитаат.