- Форумот „Макекопродокс“ е основан во 2019 година како одговор на потребата за посилна регионална соработка во областа на креативниот документарен филм
Осмото издание на форумот „Макекопродокс“, во рамките на 17. фестивал на креативен документарен филм „Македокс“, се одржа од 25 до 27 август 2026 година во Албанскиот театар во Скопје.
Под фестивалското мото „Само сонот е стварност“, форумот го постави прашањето како документарните соништа можат да се доведат до реализација и како завршените филмови можат да ја пронајдат својата публика.
Форумот „Макекопродокс“ е основан во 2019 година како одговор на потребата за посилна регионална соработка во областа на креативниот документарен филм. Тој ги обединува балканските филмски центри и филмските професионалци, со цел да го поддржи развојот на проекти, да ја поттикне копродукцијата и да создаде нови можности за филмовите што се продуцирани, копродуцирани или снимени во регионот.
Преку пичинг-презентации, индивидуални состаноци, панел-дискусии, студии на случај и заеднички дијалог, форумот поттикнува професионална размена и стратешко размислување за тоа како документарните филмови можат да бидат поддржани во текот на целиот нивен пат – од првичната идеја, преку продукцијата, постпродукцијата и дистрибуцијата, до нивната средба со публиката.
На форумот беа презентирани осум избрани документарни проекти во развој, кои претходно беа дел од работилницата за развој на проекти под менторство на тројца интернационални ментори од индустријата, Виктор Ед, Зејнеп Ѓузел и Бриџид О’Ши.
По презентацијата на проектите во рамките на форумот, на 26 август беа доделени пет награди. Фестивалската мрежа „Док араунд Јуроп“ додели 3.000 евра за проектот „Кранк“, кој се развива како копродукција меѓу Турција и Ерменија; проектот „Мојот дедо, комунист“ (Србија, Македонија) доби награда за консултација и подготовка на трејлер од „Еуродок“; Документарната асоцијација на Европа додели награда, која вклучува консултација, на проектот „Ареоле“ (Словенија, Хрватска); акредитација за учество на „ДоксБарселона про 2027“ доби проектот „Што земјата заборави“; акредитација и преселекција за „Док.форум маркетплејс“ на „Док.форум Минхен“ доби проектот „Дилан Меккеј“ (Романија).
По работната сесија „Продуценти запознаваат продуценти“, на 27 август се одржаа три последователни панел-дискусии.


































