Откако во јуни ги зголеми цените на компјутерите „мек“ и „ајпед“ поради драстичниот пораст на цените на мемориските чипови, „Епл“ очигледно ќе мора да го примени истото сценарио и за претстојната серија „ајфон 18“. Нови извештаи од сигурни извори во индустријата ги потврдија претходните гласини дека сите модели од серијата „ајфон 18“ ќе бидат поскапи за сто долари од нивните претходници.
Главната причина за ова зголемување на цената е таканаречениот РАМагедон, односно постојаниот раст на цените на РАМ и НАНД мемориските чипови на глобалниот пазар. Извори блиски до компанијата велат дека „Епл“ првично се обидел да го избегне овој потег и сам да ги покрие дополнителните трошоци. Сепак, за да ја зачува профитабилноста, гигантот е принуден дел од тој финансиски товар да префрли на купувачите.
Иако ова зголемување на цената значи дека почетната цена на „ајфон 18 про“ би можела да изнесува 1.199 долари, „Епл“ нема да ја изгуби својата конкурентност на пазарот. Производители како „Самсунг“ и „Гугл“ веќе ги зголемија цените на своите водечки уреди, па ова зголемување од сто долари во индустријата се смета за умерена мерка во денешните економски услови.



































