Фото: Пиксабеј

Фантастичната псевдологија, митоманијата и морбидното лажење се основата на компулсивно претерување или маскирање на реалноста. Слично на ОСД, нагонот за вклучување во таквото однесување може да биде исклучително силен и често е невозможно да му се одолее.
Клинички гледано, патолошкото лажење генерално се истражува во контекст на други модели на однесување и се смета за симптом на нарушена ментална состојба, пишува „Псајк сентрал“.
За да може лажењето да се смета за патолошко, прво мора да се погледне поширокиот контекст, а клучот е да се разбере зачестеноста на таквите обрасци на однесување, како и дали некој човек може воопшто да ги спречи. Некои студии го сведуваат патолошкото лажење на кажување пет или повеќе лаги дневно во период од шест месеци. Во нормални околности наидуваме на бели лаги, кои повеќето луѓе ги користат за да избегнат конфронтација, омаловажување на нечии вредности, чувство на непријатност, загриженост…
Патолошките лажговци, меѓутоа, тоа го прават компулсивно и без вистинско оправдување. Наскоро на другите околу нив им станува јасно дека измислуваат премногу комплицирани приказни и тешко е да се процени кога навистина треба да им се верува.

Вишок бела материја во мозокот
Британското списание за психијатрија објави студија според која патолошките лажговци покажале зголемување на префронталната бела маса во мозокот за околу 26 проценти. Имено, кај луѓето со повеќе бела материја посилни се вербалната комуникација и способноста за обработка на податоци, но кај патолошките лажговци има проблем и со односот кон сопствените емоции и недостиг од емпатија.
Без разлика на нивните вербални вештини, потешко им е да одржуваат долгорочни врски и работни места, бидејќи нивните лаги најчесто се откриваат.
Патологијата на лажењето е поврзана со други нарушувања во однесувањето, а често и со трауми што влечат корени во детството, во кои било неопходно да се прикријат некои недостатоци од социјален аспект.
Причините што предизвикуваат патолошко лажење може да бидат поврзани со некои други нарушувања. Лицето со асоцијално растројство на личноста може да прибегне кон лажење за да стекне сочувство и со тоа да го подобри сопствениот статус. Оние со гранично растројство на личноста користат лаги за да избегнат отфрлање или напуштање.
Нарцисоидното растројство на личноста води до лажење за да се искористат другите и да се одржи сопствената грандиозна личност.

Фатен во лага
Патолошкиот лажго често брзо се открива, бидејќи по некое време станува очигледно дека приказните што тој ги раскажува се засновани на фантазии или се пребогати со нив. Иако имаат многу детали, кои се разликуваат со текот на времето, на оние околу нив им станува јасно дека некои од приказните едноставно не можат да бидат вистинити. Иако се свесни за своите лаги, овие луѓе поради континуираното изложување и повторување почнуваат да ги прифаќаат како дел од својата личност.
Многу е веројатно дека личноста е патолошки лажго ако е способна да лаже за широк опсег на теми; ако описите на настаните не се поткрепени со факти, ниту пак можат да се поврзат со реалната состојба; ако инсистира на личната верзија без разлика на доказите; ако брза да излезе од разговорот и продолжува да лаже дури и откако ќе биде фатена.
Откако ќе биде фатен во приказна, патолошкиот лажго зазема одбранбен став и избегнува прашања, а ако одговори на нив, тоа го прави многу кратко. Зад потребата да се лаже често се крие подлабок проблем, како избегнување на разочарување. Повеќето лажговци се свесни за своето однесување и за лагите што ги кажуваат, а тоа може да биде навистина оптоварувачко. Значи, станува збор за лица што си го комплицираат животот и всушност сакаат помош.

Фото: Пиксабеј