Стрип-издавачот „Бункер“, во рамките на едицијата „Апсолутни почетници“, го издаде деветтиот графички роман „Везење“, од француско-иранската авторка Марџан Сатрапи.
– „Озборувањето на другите е луфтирање на срцето…“, вели баба ѝ на Марџан Сатрапи. По вкусниот и обилен оброк кај семејството Сатрапи, мажите се повлекуваат да дремнат, а жените се собираат во кујната, приготвуваат чај во самоварот и… почнуваат уште една сеанса на „луфтирање на срцето“. Полека, на виделина излегуваат женските приказни: пикантни и неверојатни, смешни и трогателни. Секс, дрога, мажи, љубов… ниту една тема не останува недопрена.
Во ова исклучително дело Марџан Сатрапи го обединува гласот на цела палета ирански жени. Непретенциозен и духовит, искрен и шокантен, овој графички роман не губи од актуелноста и дваесетина години по неговото прво објавување, особено поради проблемот со континуираното губење на правата на жените во иранското општество. Впрочем, и годинашната добитничка на Нобеловата награда за мир, Иранката Норгес Мохамади, која ја доби наградата за нејзината ненасилна борба „против угнетувањето на жените во Иран“ и за промовирање на човековите права за сите, во говорот напишан во озлогласениот ирански затвор „Евин“, кој потоа беше скришум пренесен и прочитан од нејзините деца во Осло, истакна дека „иранскиот народ ќе ги надмине репресијата и авторитаризмот со својата истрајност“ – информира „Бункер“.
Марџан Сатрапи е позната француска авторка на стрипови и на книги за деца, режисерка и писателка од иранско потекло. Израснала во Техеран, во семејство вклучено во прогресивните движења во Иран пред револуцијата. Во 1984 год,. на четиринаесетгодишна возраст, родителите ја испраќаат во Виена за да ја засолнат од иранскиот режим. Таму учи во француско училиште, но потоа се враќа во Иран, каде што дипломира визуелна комуникација на исламскиот универзитет „Азад“ во Техеран. По завршувањето на студиите се сели во Франција. Редовно пишува за реномираните светски весници, меѓу кои се и „Њујорк тајмс“ и „Њујоркер“. Најпозната е по своите графички романи „Персеполис“, „Пилешко со сливи“, „Везење“…, за кои ги добива највисоките награди и признанија во светот на стрипот, а голем дел од нив е филмуван. Заедно со Венсан Перон го напиша и го режираше анимираниот филм „Персеполис“, кој беше номиниран за „оскар“.
Графичкиот роман „Везење“ доживеа голем успех во Франција, каде што за кратко време беа објавени неколку нови изданија. Преведен е на голем број јазици. Правата и материјалите за македонското издание се обезбедени од страна на Францускиот институт во Скопје, а објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик го поддржа и Министерството за култура. Преводот од француски јазик е на Јоана Хаџи-Лега Христоска, а лектурата на Милена Стојановска. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, Тотем д.с. Издавачот „Бункер“ повеќе од десет години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас. С.Ј.